На денешната седница со пратенички прашања, пратеникот од Алијанса за Албанците Ријад Шакири го праша премиерот Христијан Мицкоски за националистички скандирања на фудбалскиот натпревар ФК Вардар – ФК Башкими и актуелизираното прашање за полагањето на правосудниот испит на албански јазик. Мицкоски искажа лична констатација дека го сменил мислењето за Шакири, за кого мислел дека е космополит и ја надминал националистичката реторика. При тоа, забележа на закачената значка со албанското на сакото на пратеникот.
-Се надевам дека нареден пат кога ќе поставувате прашање покрај значката со албанското знаме, кое е етничко, ќе имате и значка со македонско знаме бидејќи од оваа држава и од овие граѓани добивате плата, рече Мицкоски.
Му реплицираше Шакири:
-Факт е дека јас го носам мојот национален симбол и се гордеам со тоа дек сум Албанец. Значката ми ја даде премиерот на Албанија. Кога и вие ќе ми донесете значка со знамето на Република Северна Македонија, ќе го носам и тоа, му одговори пратеникот Шакири.
Минута подоцна, додека се’ уште беше на говорницата, на Шакири му донесоа значка со македонското знаме. Тој веднаш ја стави на реверот и му се заблагодари на премиерот Мицкоски.






