Синоќа во 02:32 часот, во времето кога пред точно една година настана големиот пожар, кочанчани се собраа пред дискотеката Пулс да им оддадат почит на жртвите.
Ограда на која беа поставени срциња со имињата на сите жртви ја делеше масата на расплакани луѓе од објектот кој однесе 63 животи и повреди 211 луѓе.
Со цвеќиња, свеќи и солзи родителите стоеја во првиот ред, како најголеми борци за правдата, вистината и борбата оваа трагедија да не биде заборавена.
Трагедијата во Пулс се случи рано утрото на 16-ти март минатата година, а според вкупниот број на загинати и повредени е најголема трагедија во историјата на Македонија.




