Електронските цигари и тутунот стануваат секојдневие за сè помладата популација во Македонија, а бројките што излегуваат на виделина се повеќе од алармантни. Според податоци на Светската здравствена организација и истражувања спроведени меѓу средношколци низ државата, дури 40 проценти од децата на возраст од само 14 години веќе пушат цигари.
Уште позагрижувачки е фактот дека просечната возраст на прв контакт со тутунот е 13,5 години – период кога децата сè уште седат во училишните клупи во основно образование. Истражувањето ESPAD 2024 покажува дека секој трет ученик на возраст од 15 и 16 години барем еднаш пробал цигара, додека речиси една четвртина пушеле во последниот месец. Над 70 проценти од младите пушачи ја започнуваат оваа навика пред да наполнат 13 години, а повеќе од 80 проценти стануваат редовни пушачи пред 25-тата година од животот.
Посебно загрижува податокот дека речиси 80 проценти од малолетниците кои пушат никогаш не биле одбиени при купување цигари поради возраста, што директно укажува на сериозни пропусти во спроведувањето на законите.
Иако класичното пушење кај младите бележи благо намалување во споредба со минатите години, нагло расте употребата на електронски цигари, кои сè почесто се продаваат без контрола на малолетни лица. Министерката за образование Весна Јаневска, при презентацијата на резултатите од ESPAD-2024, посочи дека Министерството повторно ја активирало програмата за превенција од пороци кај адолесцентите, а наставниците во 50 основни училишта веќе поминале обука за справување со врсничкиот притисок кај учениците.
Во меѓувреме, од Комисијата за здравство во Собранието беа соопштени поразителни податоци: Македонија годишно губи околу 4.000 животи како директна последица од пушењето тутун и тутунски производи.
„Ние од малолетни деца создаваме доживотни зависници кои водат во висока смртност. Само пет отсто од зависниците од тутун успеале самостојно да ја надминат зависноста. Без промена на животниот стил и без сериозно сузбивање на пушењето и алкохолот, здравствениот систем ќе се соочи со неодржлива иднина“, предупреди директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Лекарите дополнително укажуваат дека законската рамка постои, но не се почитува. Доктор Глигор Тофоски потенцира дека продажбата на цигари на малолетници е строго забранета, исто како и пушењето во затворени јавни простории.
„Имаме закони, но имаме и квази-тераси во кафулињата поради кои сите излегуваме со мирис на цигари. Пасивното пушење е сериозен здравствен проблем што се игнорира“, вели д-р Тофоски.
Анализите покажуваат дека економските мерки можат да дадат резултат: зголемување на цените на тутунските производи за 10 проценти ја намалува веројатноста младите да започнат со пушење за околу 3 проценти, со најсилен ефект кај децата и семејствата со пониски приходи.
Експертите се согласни – клучот е во строго и доследно спроведување на законите: нулта толеранција за продажба на тутун на малолетници и вистинска забрана за пушење на јавни места. Во спротивно, Македонија ризикува да продолжи да „произведува“ нови генерации зависници уште од најрана возраст.





