На денешниот почеток на судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани присуствуваат бројни домашни и странски медиуми, како и претставници на дипломатски мисии, набљудувачи од ОБСЕ, САД и ЕУ. Рочиштата се одржуваат во КПУ „Идризово“, со засилени безбедносни мерки и присуство на медицински тим.
Трагедијата се случи на 16 март годинава, кога загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 лица беа повредени. Обвинителниот акт беше поднесен на 13 јуни, а Кривичниот суд го одобри на 3 октомври. Во случајот се опфатени 38 обвинети – 35 физички и три правни лица – кои се товарат за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. Судскиот процес го води судијката Диана Груевска Илиевска, а обвинителството е застапувано од тим од 15 јавни обвинители. Предвидено е рочиштата да се одржуваат со темпо од две неделно.
Истражната постапка покажува дека трагедијата произлегла од долгогодишни пропусти и свесно игнорирање на безбедносните правила од повеќе институции и поединци. Дискотеката „Пулс“ функционирала незаконски од 2012 година, без исполнување на минимално-техничките услови и со реконструкции без дозволи. Обвинетите се товарат дека не го спровеле надзорот, издавале лиценци спротивно на закон, дозволувале влез на малолетници и преполнетост на капацитетот, а на критичната вечер се употребиле пиротехнички средства без дозвола, што директно довело до пожарот.
На прес-конференцијата одржана на 16 јуни, јавниот обвинител Љупчо Коцевски потенцираше дека секоја од институциите имала законска можност да ја спречи трагедијата или да го намали ризикот, но пропустите се надоврзувале, што резултирало со катастрофални последици.
„Секоја алка од системот имала моќ и законски надлежности да го спречи овој настан или да го намали потенцијалот за загуба на животи, но никој тоа не го сторил“, истакна Коцевски.
По трагедијата, родителите и блиските на жртвите организираа „Марш на ангелите“, како меморијален и протестен чин. Од тогаш, маршевите се одржуваат редовно – секоја сабота во Кочани, а неколку пати и во Скопје пред институциите, со пораки за правда и одговорност. Последниот голем собир се одржа на 15 ноември во Скопје, непосредно пред почетокот на судскиот процес, на кој илјадници граѓани побараа правда, транспарентност и целосно расчистување на случајот.




