„Го пееме она што не може да се каже со зборови“ си напиша во описот на една од сликите Сара Пројковска Николовска. Таа беше професорка по пијано на Факултетот за музичка уметност и придружен вокал на групата „ДНК“, која трагично го загуби животот во пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16-ти март годинава. Веста за нејзината смрт ја потресе јавноста, колегите, студентите и сите кои ја познаваа.
Пројковска остави длабок белег во македонската музика. Со својот глас беше присутна на сцената речиси три децении, соработувајќи со бројни пејачи и групи. Иако најчесто во улога на придружен вокал, нејзината професионалност и искрена љубов кон музиката ја направија ценета и почитувана во уметничките кругови.
Покрај уметничката кариера, Сара беше посветена професорка. На факултетот им пренесуваше знаење и љубов кон музиката на генерации студенти, кои денес ја паметат не само како наставник, туку и како личност полна со разбирање и поддршка.
Нејзиниот приватен живот исто така носеше тежина. Откако пред четири години почина нејзиниот сопруг, џез трубачот и педагог Александар Николовски – Луј, таа остана самохрана мајка на две деца. Колегите ја опишуваат како силна и одлучна жена, која со достоинство и пожртвуваност ја извршуваше најодговорната улога – онаа на родител.
Смртта на Сара Пројковска е голема загуба за музичката сцена, за образованието, но и за општеството во целина. Таа ќе остане запаметена како уметница со исклучителен талент, како наставник кој несебично го пренесуваше своето знаење и како жена која, и покрај сите животни предизвици, успеа да остане посветена на семејството и на професијата.







