Зграда од 690 квадратни метри во Албанија проценета на 10 милиони евра е веројатно највредниот имот што го пријавил градоначалникот на Струга и сопственик на градежната компанија „Трим и Лум“, Менди Ќура. Анкетниот лист објавен од Државната комисија за спречување на корупција содржи и неколку станови во Скопје и Струга. Осум станбени згради се во Струга, а по еден има во Карпош – Скопје од 90 квадрати и еден во Центар од 48 квадрати. Вкупна вредност е неколку стотици илјади евра.
Највредната станбена зграда на Ќура е во Струга, со површина од 291 квадратен метар, проценета на 500 илјади евра.
Ќура пријавил и неколку парцели земјоделско земјиште во Биџево и Струга, како и пасишта, со вкупна проценета вредност од околу 300 илјади евра.
Во имотниот лист во ДКСК Ќура пријавил и луксузно возило – Мерцедес Бенц S580 од 2021 година од 150 илјади евра. Мерцедесот Ќура ќе го користи и како службено возило додека е градоначалник. Возилото го купил на шест дена пред првиот круг на Локалните избори.




