Градоначалникот Јорданов смирува дека не се затвора ООУ „Гоце Делчев“ додека родителите и наставниците велат – „Зградата е целта“

Неколкудневната неизвесност околу статусот на ООУ „Гоце Делчев“ од Штип и неофицијалната најава за негово затворање и трансформација на зградата во студентски дом, денеска ја реши градоначалникот Иван Јорданов. Вели дека на крајот на оваа учебната година ќе се решава училиштето, но и останатите, кога се очекува да се примени Стратегијата за оптимизација. Овој документ, кој е во фаза на усвојување, подразбира примена на нови формули за финансирање на училиштата, што меѓудругото значи дека централната власт на локалната ќе ѝ префрла средства според бројот на ученици. А ученици секоја година има се’ помалку.

Градоначалникот Јорданов најавува решение кои ќе се базира на намалување на бројот на паралелки или преку нова реонизација училишта да добијат различен статус, што ќе има влијание врз бројот на наставниците.

„Стратегијата за оптимизација на ресурсите предвидува да формулата за пресметка на блок дотациите кои Општина Штип ги добива од МОН е да се пресметува платата и блок дотацијата по број на ученици, а не по број на паралелки. На 1 септември ние ќе се соочиме со тоа дека ќе имаме помал број на паралелки, а со тоа и одлука што со наставниот кадар“, изјави Јорданов, кој рече дека и до сега се создавале паралелки кои немаат довелен број на ученици или како што ги нарече „вештачки паралелки“.

Оваа изјава на Јорданов доаѓа по денови на интензивни средби и разговори. Во вторникот била одржана информативна средба на градоначалникот со наставничкиот колектив на ООУ „Гоце Делчев“, каде им бил предочен проблемот со тужбата од Стразбур поради сегрегацијата на ромските деца и најавата дека општината е должна да реагира. Освен тоа, притисокот од студентите во недостаток на сместувачки капацитети е голем и градот треба да најде решение.

Наставниците од своја страна, го искажале несогласувањето со неофицијалните најави училиштетото да биде предадено и трансформирано во студентски дом. Во меѓувреме до родителите се доставени анкетни листови со неколку прашања, со кои се прави сондажа на мислењето на родителите за префрлување на нивните деца во други училишта.

Родителите, како што дознаваме, главно биле против оваа идеја. Во училиштето работат осумдесетина наставници, кои веќе ги контактирале синдикатите и побарале заштита. За идната недела се најавени состаноци, на кои ќе се бара одговори за статусот на наставниците.

Во меѓувреме на социјалните мрежи почна кампања за поддршка на училиштето. На Фејсбук се појави профил именуван како „Поддршка за ООУ Гоце Делчев Штип“, каде се објаснува „зошто навистина сакаат да го затворат училиштето“

„Еве што дознавме:

1. ПАРИТЕ ПРЕД ДЕЦАТА: Општината плаќа огромни казни на Судот во Стразбур поради сегрегација. Наместо да инвестираат во училиштето и да привлечат ученици, тие сакаат да го затворат за да не плаќаат повеќе казни. Нашите деца не се бројки!

2. ЗГРАДАТА Е ЦЕЛТА: Постојат сериозни планови зградата да му се даде на Универзитетот „Гоце Делчев“. Сакаат да ни го земат основното училиште за да го претворат во факултет или интернат.

3. ЛАЖНА ОПТИМИЗАЦИЈА: Велат дека има малку ученици, но 600 деца не се малку! Ова е само изговор за да ни ги распределат децата и да ги изгубат нашите наставници.

4. НЕМА МЕСТО ВО ДРУГИТЕ УЧИЛИШТА: Другите училишта во Штип веќе се полни. Каде ќе ги стават нашите 600 деца? Во преполни училници?

НЕ ПРИФАЌАМЕ ЗАТВОРАЊЕ! Бараме општината да престане да бара изговори и да најде решение што е во интерес на децата, а не на буџетот или Универзитетот“, пишува во образложението.

Дека се очекуваат промени со училишната мрежа, се најавува со промовирањето на неколку стратешки документи на Министерството за образование и наука (МОН) и Владата. Во Стратегијата за човечки капитал 2024-2030 пишува:

„Во иднина, локалната и централната власт треба да работат рака под рака на оптимизација на училишната мрежа. Владата ќе ги поддржи локалните самоуправи преку предлагање различни сценарија за ремоделирање на училишна мрежа и ќе обезбеди стимулации и насоки за општините во спроведувањето на оптимизацијата. Што се однесува до ангажирањето на наставници, важно е да се напомене дека централната власт, а не општините, ги одобрува сите наставни позиции (нови или заменски), па оттука централната власт може да го искористи ова овластување за постепено намалување на бројот на одобрени наставни позиции во училиштата, особено во оние средини кои имаат ограничени уписи на ученици“, пишува во документот.

Во Штип има пет основни училишта, а од неодмна во надлежност на општината премина и училиштето во Стар Караорман, кое до сега беше во надлежност на соседната општина Карбинци. Со преземањето, ова училиште преминува да работи како подрачно училиште на ООУ „Славејко Арсов“.

Секоја учебна година Советот на општината донесува одлуки за давање согласност за оформување на паралелки со помал број на ученици од законскиот (25). Дали пред новата учебна година повторно ќе се носат вакви одлуки?

Што понатаму ќе се случува со ООУ „Гоце Делчев“, каде сега учат 600 ученици, градоначалникот Јорданов вели дека ќе се решава по разговорите со родителите и наставниците.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ