Уште еден случај на измама со користење на стариот трик е пријавен вчера во полицијата во Виница. Жртва повторно е повозрасен човек, кој верувал со парите, кои му се бараат ја спасува својата ќерка.
Имено, како што информира СВР Штип, вчера во 17:30 часот во ОВР Виница, 77-годишен жител на Виница пријавил дека била измамен од едно лице за сума од над 430.000 денари.
„Според пријавеното, претходно во текот на денот лицето му се јавило, се претставило како лекар и го известило дека неговата ќерка е во болница поради скршеница на нога за која било потребно да се изврши операција со вградување на шипки. Како што е пријавено, лицето му ги побарало парите и откако се договориле во неколку наврати ги однел на договореното место. Како што е пријавено, откако се вратил дома му се јавила неговата ќерка, по што сфатил дека е измамен“, соопшти СВР Штип.
Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за расчистување на случајот.
МВР веќе подолго време апелира до граѓаните да не наседнуваат на вакви и слични јавувања, кои имаат цел да ги измамат и изнудат пари особено од постари луѓе.
„Сторителите ги доведуваат во заблуда лицата на тој начин што им се јавуваат телефонски и им се претставуваат како службени лица, најчесто полициски службеници, и од нив бараат финансиски средства за ослободување од кривичен прогон на нивни деца или внуци кои, наводно, непосредно пред јавувањето направиле сообраќајна несреќа со смртни последици. Измамниците ги контактираат жртвите најчесто на фиксен телефон, но има случаи каде што се контактирани и преку мобилен телефон со скриен број, а за да бидат поуверливи во позадина се слуша глас кој бара помош“, информираат од МВР.




