Десет месеци од трагедијата во Пулс

Вечерта помеѓу 15 и 16 март

Кочани, кое во топлите денови е место преполно со посетители од околните општини, сјаеше и вечерта на 15-ти март. Таа топла сабота во овој град на истокот од државата тешко можеше да се најде место за излегување. Кафулињата во трговскиот центар, хотелите и lounge баровите во центарот беа преполни со народ.

Во дискотеката Пулс во индустрискиот дел на градот е закажан концерт на групата ДНК – најпопуларниот македонски бенд.

Кратко по полноќ дискотеката во простор за околу 200 луѓе прима над 600 посетители.

Нешто после 02:20, пиротехничкиот перформанс на ДНК го запали плафонот над бината, по што пожарот започна бргу да се шири. За неколку минути настанало стампедо кон единствениот излез. Десетици луѓе останале заглавени во тесниот простор и голем дел од нив започнале да се гушат од густиот чад, во кој имало јаглероден моноксид, но и цијановодород – екстремно токсичен гас кој се ослобдува при горење на полиетиленскиот сунѓер. Распламтениот оган на плафонот започнал да одвојува парчиња од таванот, но и црна течност, кои паѓале врз луѓето.

Дел од оние кои успеале да излезат започнале да се враќаат кон влезната врата за да им помогнат на заглавените. И тие вдишувале од токсичниот чад, по што очевидци согледуваат слика во која луѓе кои пружале помош се движат дезориентирано, по што паѓаат и умираат.

Дваесетина минути подоцна во кочанската Општа болница, во која ноќта имало меѓу 20 и 30 дежурни медицински лица, пристигнуваат над илјада луѓе. Над 200 од нив се со изгореници по телото. Над 50 лица се донесени во безсознание и без знаци на живот. Дел од нив умираат на пат кон болницата.

Завладеал тотален хаос.

Очевидци велат дека ходниците на болницата пред итната медицинска помош и на приемната амбуланта биле преполни со легнати тела. Дел од нив живи, дел починати.

Се бара помош од цела држава и во следните часови доаѓаат екипи од речиси цела Македонија.

Утрото на 16 март
Утрото Македонија се буди со веста дека избил пожар во дискотеката Пулс во Кочани и дека има најмалку 50 жртви. Родителите се обидуваат да ги добијат своите деца на телефон, а откако не успеваат, стотици мајки, татковци, браќа и сестри се собираат во дворот на кочанската болница. Владее хаос. Луѓето се очајни да дознаат било каква информација за своите деца. Дел од починатите и повредените се идентификувани од институциите, но дел сеуште не се. Родители очајно патуваат за Штип и Скопје, се враќаат назад во Кочани, во потрага по своите деца. Како што се идентификуваат загинатите, така расте бројката на луѓе во дистрес. Онесвестени, легнати по земјата, приклучени на инфузии. Траорни сцени од десетици луѓе кои викаат и плачат на глас. Кочани е епицентарот на едно мрачно сценарио. Бројката на загинати постојано расте.

Минуваат часови, по кои колона од десетици воени возила ја блокираат прометната улица „Страшо Ербапче“ пред кочанската болница. Дел од родителите се против обдукција на телата, но државата инсистира. Тензиите завршуваат со прифаќање телата на загинатите да се носат на обдукција во Скопје.

17 март – насилни демонстрации во Кочани

Следниот ден во Кочани избија насилни протести. Она што започна како мирен протест во градскиот парк, премина во насилства откако демонстрантите дојдоа пред општинската зграда, која беше заклучена. Од масата луѓе се слушаа извици „Излези!“, по што дел од нив започнаа да маваат прво со јајца, а потоа и со плочки и камења кон општината. Беа искршени прозорците на зградата, а по зголемувањето на полициското присуство, масата на луѓе бргу се намали, а колони трчаа кон трговскиот центар. Таму целосно се демолираше кафулето Класик во сопственост на газдата на Пулс. Слични немири имаше и пред домот на градоначалникот Љупчо Папазов, пред дуќан на пошта во соптвеност на газдата на Пулс, а се насобра голема маса на луѓе и пред домот на Деко, каде веќе имаше распоредено полициски сили од единицата за брзо распоредување. По неколку часовни натегања, отецот Димитар Арсовски ја убеди масата луѓе да се разотидат кон своите домови, повикувајќи „Достојно да ги погребаме загинатите, а потоа ако сакате запалете го градот“.

Најмасовниот погреб во историјата на Кочани

Пет денови по несреќата се организираше најмасовниот погреб во историјата на Кочани. 32 млади луѓе, претежно на возраст од 16 до 25 години беа погребани во исто време на исто место – кочанските градски гробишта Горица.

На речиси сите семејства им беше дозволено да ги видат починатите на минута, по што по брз редослед се вршеше закопувањето. Кочани доживеа уште една траума.

Медицински екипи од цела Македонија, како и волонтери на Црвениот крст дојдоа во Кочани за да го покријат ужасниот настан.

Освен во Кочани, масовни погреби имаше и во Облешево и Штип. Во Облешево беа погребани шестмина, а во Штип петмина загинати.

Марш за ангелите

По истекувањето на 40 дена од несреќата и по првичните реакции на институциите на несреќата, родителите на загинатите започнаа со организирање на протести именувани како „Марш за ангелите“, кои секоја сабота симболично започнуваат со 5 минути задоцнување, како симбол на задоцнетата реакција на државата во справувањето со корупцијата и криминалот кои довеле до несреќата, но и заради, како што сметаат родителите, несоодветната постапка на обвинителството. Реакции за работата на обвинителството имаше и од партиите Левица и СДСМ, кои посочуваа на повеќе лица од МВР кои не биле дел од постапката, по што во еден ден беа приведени 13 лица, од кои дел од посочените од опозициските партии.

Марш за ангелите

Родителите велат дека ќе продолжат да ги организираат протестите се до постигнувањето на правда за нивните починати деца.

Во меѓувреме очите на јавноста се свртени кон Основниот кривичен суд Скопје, каде се одвива судењето на 34 физички и 3 правни лица, обвинети за трагедијата.

Задоцнета реакција и за повредените

Семејствата на повредените исто така упатуваа критики за тоа колку спремна државата ги пречека вратените од странство. Со три месеци задоцнување пристигнаа компресивните облеки за повредените, иако дел од нив беа на домашно лекување веќе 2 месеци. Не државата, туку кочанското здружение Супорт Кочани е организаторот на набавката на компресивните облеки. Финансирањето на истите е преку донации.

Вкупно 147 лица имаат тешки телесни повреди, кои ќе остават трајни последици врз нивното здравје и изглед.

Судски процес

Многу правни експерти го оценија овој случај како вистински испит за правосудството, особено ако се има предвид дека во изминатите години довербата на јавноста во овие институции била многу ниска.

Според Дарко Аврамовски, извршен директор на невладината организација „Сите за правично судење“, која со години ги следи судските процеси, овој предмет ќе покаже дали судот има капацитет да води сложена постапка, но и дали институциите се во состојба да обезбедат правна разрешница што ќе биде убедлива и аргументирана, како и прифатена од јавноста, изјави тој за Радио Слободна Европа.

Обвинението е доста сложено, не само поради големиот број обвинети и оштетени лица, туку и затоа што опфаќа долг временски период – цели 13 години од основањето на дискотеката до трагедијата.

На обвинетите им се става на товар дека со своето постапување, но и со пропусти и неактивност, придонеле да дојде до трагедијата, особено кога станува збор за службени лица од централните и локалните институции, како и носители на јавни функции, меѓу кои и тројца поранешни градоначалници на Кочани.

Сите обвинети ќе одговараат за исто кривично дело – „предизвикување тешки дела против општата сигурност“.

(К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ