ExYu
Fresh
Cafe
Radio EastGate Mall
Play button

Зголемена локална транспарентност

Домот за стари наречен желба

today28/12/2018 66

Background

Повеќе од една година е запрена градбата на Домот за стари лица во Штип. Објектот од 3000 квадрати кој е изграден до карабина и не може да се догради додека не завршат административните процедури во Министерството за транспорт и врски. Здружението на пензионери на Штип и Карбинци ги троши последните пари, кои од сопствена заштеда одлучи да го гради овој капитален објект. Засега пензионерите се без идеја како да го завршат домот каде треба да сместат 120 свои членови.

Иако беше февруарски ден, греалка во собата  на 71-годишната Маријонка Тасева, потстанарка во Пензионерскиот дом во Штип , не работеше. Со пенезија од 8.500 денари, Марионка вели  дека не може да си дозволи висока сметка за струја, особено сега пред закажаната нова операција. Благодарна е што по пет години одење по туѓи домови успеала да добие под кирија пензионерска грасониера.

-Кирија плаќам, струја плаќам, вода плаќам многу, кабловска, телефон… ми останува 1000 денари, а купувам лекови, полна кутија имам, стари сме. Одев по патиштата, таму – ваму седев, немаше каде. Тука се молев пет години да ме примат, да го добијам овој стан. Со торби полни со алишта, се молев по роднини да ме примат. Многу лошо поминав во животот, барем сега да проживеам, раскажува Тасева.

Се обидовме и со бизнисмени да разговараме, но тие доаѓат на готов простор и ако може да го земат што поефтино. Никој не сака да инвестира. Александар Захариев

12 гарсониери на 9000 пензионери
Марионка Тасева е корисник на една од 12-те гарсониери во рамките на Пензионерскиот дом во Штип. Тоа е и единствениот простор за над 9000 пензионери од Штип и Карбинци. На покрив над главата се понадеваа со изградбата на новиот Дом за стари лица, кој почна да го гради пензионерското здружение. Со над 30 милиони денари сопствени средства,  пари кои успеале да ги заштеди, Здружението влезе во инвестиција во дом од 3000 квадрати каде е предвидено вдомување на 120 станари.  Меѓутоа, од ноември  2015 година, со решение на градежен инспектор работите на домот се целосно стопирани. Новиот претседател на Здружението на пензионери, Александар Захариев, кој на ова функција е три месеци, вели дека до сега се потрошени околу половина милион евра, снемува и пари, а, домот не е ни на половина.

-Имавме средства, но ги вложивме во градбата на новиот дом. Новиот дом го почнавме откако локалната самоуправа  донесе одлука да ни го отстапи (воениот ресторан) под услови за доградба и ркеонструкција, изјави Захариев.

Домот почна да се гради во 2014 година, откако на здружението му беше предаден некогашниот воен ресторан „Вардар“ пред касарната во Штип. Комплетен инвеститор е Здружението на пензионери, кое е единственото од ваков вид во државата што влезе во еден ваков крупен проект. Општината Штип од своја страна, учествува со инфраструктурно уредување, а градбата ја ослободи од комунален надоместок. Тргнала градбата, се’ до добивањето на втората фаза од градежната дозвола, кога работите застанале кај дозволата од Министерството за одбрана, бидејќи Домот за стари лица граничи со касарната, која е стратешки објект за безбедноста на државата и бара посебно одобрување.

  • Штета е што министерството (за транспорт и врски) ни ја има стопирано градбата, бидејќи ја немаме добиено дозволата од Министерството за одбрана. Сега треба веќе да е при крај постапката, но во меѓувреме, средствата ни се веќе потрошени, рече претседателот Захариев.

Тука се молев пет години да ме примат, да го добијам овој стан. Со торби полни со алишта, се молев по роднини да ме примат. Многу лошо поминав во животот, барем сега да проживеам. Марионка Тасева, пензионерка

Дом ни на небо ни на земја

Фирмата изведувач, која е избрана на тендер е „Евроградба инжинеринг“  од струмичко Владевци. Од таму информираа дека чекаат да се обезбедат дозволите за втората фаза и да продолжат со градба. Управителот Игор Лазаров потврди дека Здружението го  платило поставувањето на покривот, а нивна обврска, според тендерот, е ставањето на фасада и малтерисувањето. Меѓутоа, за да ги изведат работите во внатрешноста на домот, претходно Здружението преку тендер треба да избере фирма за поставување на инсталацијата. Без тоа, според Лазаров, нема да можат да работат.

Меѓутоа, здружението заштедените 30 милиони денари ги потрошило во градбата, а најмалку уште толку според нивните проценки, ќе требаат за објектот  да се доврши и опреми. Само за предвидените  два лифта ќе треба околу 100.000 евра. Без државна помош тешко дека ќе може да се заврши. Раководството на здружението пред изборите разговарало со тогашниот министер за труд и социјална политика Диме Спасов, кој им ветил дека ќе се направат напори за помош од Владата. Дали ќе биде помош во субвенции, во средства за опремување или во нискокаматни кредити, сепак ќе зависи од новата влада. Разгледувана е и опцијата за јавно приватно партнерство, но и тука пензионерите, според преетседателот Захариев,  наидуват на пречка.

  • Се обидовме и со бизнисмени да разговараме, но тие доаѓат на готов простор и ако може да го земат што поефтино. Никој не сака да инвестира. Многу се расплинивме, мегаломански со просторот. Со 30-40 легла до сега ќе го изградевме. Салата ја урнавме, се изгради нова, ова што го градиме ќе биде еден од најдобрите домови, да не речам во Македонија, но во Источна Македонија моементално подобар нема да има. Мислам дека бизнисмените не се многу заинтересирани, смета Захариев.

Без помош од државата домот не може да се догради

Потпретседатлелот на Здружението Коста Штрејов, кој оваа функција ја вршеше и во претходниот состав, изјави дека дека размислуваат да го доградат објектот и по пат на здружување во рамките на некоја од државните институции.

-Очекуваме да се формира новата влада, по што сакаме да поднесеме барање за одобрување на средства за да го довршиме домот. Без тие средства, здружението нема да може да го изгради домот. Доколку не можеме да најдеме средства, може да понудиме на некоја институција да се здружиме со тие средства што ние до сега ги вложивме, изјави Штериев.

Додека Штип да добие современ дом за стари лица, 12-те гарсониери од Пензионерскиот дом се единствената алтернатива за сместување, но и за овде се чека и по пет и повеќе  години. Градбата е стара 40 години. Многу семејства во Штип се  во простор каде живеат и по три генерации. Своите возрасни и немоќни  родители, штипјани, оние ретките кои можат да си дозволат, ги носат во приватните домови, каде сместувањето е и до 600 евра месечно. Дури и тоа е проблем, бидејќи во Штип и околината нема  приватен дом. Најблискиот е во Берово или во Неготино.  Останува поевтината алтернатива за сместување во петте државни домови, каде за 300.000 пензионери има само 341 легло.

Земја со стара нација и само пет државни домови
Со последниот попис во 2002 година, Македонија е веќе во категоријата на земја со стара нација односно 15 отсто од населението е со возраст од 60 години. Пензионерската популација е значајна гласачка машина, а веќе 40 години државата нема изградено ниту еден нов државен Дом за стари лица. Притисокот е огромен. Затоа, штипските пензионери сметаат дека државата треба да помогне кога веќе сами покажале иницијатива, собрале средства и почнале да градат.

Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат  мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија. 

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%