Со посебен акцент на зајакнување на владеењето на правото, независно судство и борба против корупцијата Извештајот на ЕУ за Македонија е охрабрување да се продолжи во реформите. Ова е оценката на амбасадорот на Република Франција Кристоф Ле Риголер, кој денеска од Штип рече дека документот е „сам по себе е интересен, затоа е многу детален и комплетен“.
-Извештајот е многу урамнотежен, со многу позитивни елементи и со помалку позитивни елементи. Но, исто така претставува охрабрување, за да се продолжи на патот на реформите и со посебен акцент што е ставен на зајакнување на владеењето на правото, независно судство и борба против корупцијата – теми коишто се важни во сите наши општества“, оцени амбасадорот Ле Риголер и дообразложи:
„Извештај кој од таа гледна точка е многу корисен и навистина ги одразува приоритетите во нашата соработка, затоа што Франција тесно соработува во тие сектори зајакнување на администрацијата, независност во судството. Да резеимирам, ќе кажам дека е вистинско охрабрување за продолжување на спроведувањето на реформите во одредени сектори. Токму тоа го правиме, изјави амбасадорот Ле Риголер.
Опозицијата и власта различно го читаат Извештајот за напредокот на Македонија, што ЕУ го објави минатата недела. Во него се наведува дека Владата треба да ги интензивира напорите за почитување на владеењето на правото, заштитата на независноста и интегритетот на судството, како и да ја засили борбата против корупцијата. Документот оценува дека е постигнат „ограничен напредок“ во областа на судските реформи, додека земјата постигнала одреден напредок во однос на плурализмот и слободата на медиумите и на слободата на изразување.




