Доцна синоќа во јавноста протече неофицијална информација дека за шестмина полицајци осомничени за предизвикување на општа опасност со смртни последици поврзано со пожарот во дискотеката Пулс, истрагата била запрена.
Извори од истрагата за ТВ21 рекле дека се работи за лицата: Д.А. од Штип, Љ.Т. од Штип, А.А. од Штип, Ј.Т. од Пробиштип, М.С. од Кочани, и В.И. од Чешиново-Облешево, полициски службеници и началници.
Неофицијално, Обвинителството утврдило дека овие лица не можат да одговараат за делото за кое беа осомничени – „предизвикување општа опасност“, бидејќи нивните законски надлежности како вработени во МВР не вклучувале контрола на противпожарните мерки, туку за овие шестмина службеници биле ограничени на проверка на безбедноста во сообраќајот и обезбедувањето доволен број паркинг-места за објектот.
Канал 77 се обрати до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од каде кратко ни соопштија дека со официјален став за истрагата обвинителството ќе излезе утре, без да се потврди ниту демантира информацијата.
Од Кривичниот суд во Скопје само потврдуваат дека денеска се укинати мерки за двајца осомничени полицајци за овој случај.
ОЈО ГОКК сеуште нема јавно обвинителска одлука за осомничените 26 полицајци и службеници во МВР, која првично беше најавена за 12 декември 2025.
Од семејствата на загинатите постојано реагираат на саботните маршеви во Кочани на пролонгирањето на јавно обвинителската одлука:
„Веќе предлого ОЈО за ГОКК ја влече постапката што започна на 12 јуни 2025 година. Месеци слушаме дека е во завршна фаза, а одлука нема. Во трагедија од вакви размери, секое доцнење е неправда. Бараме рок, одулка и одговорност. Нема да дозволиме овој случај да стане уште една затурена папка, ќе бидеме тука додека правдата конечно не биде испорачана. Правдата што доцни, не е правда“, изјави Верица Трифунова, мајка на починатата Моника Спасова, во саботата на 24 јануари пред кочанското Јавно обвинителство за време на Маршот за ангелите.

На 25 ноември 2025, шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази изјави дека истрагата е завршена и дека за десетина дена од тогаш ќе има одлука, но со запирањето на истрагата за шестмината полицајци, се отвора прашањето дали воопшто била завршена истрагата во ноември или сеуште активно се работи на неа.

За потсетување, ОЈО ГОКК води истрага за 26 службеници во МВР, истрагата започната на 12 јуни минатата година. Паралелно со овој процес, се води судски процес против 35 физички и 3 правни лица за пожарот во Пулс.
На 16 март 2025 во пожар во дискотеката Пулс загинаа 63 лица и еден возач на итната медицинска помош, 157 беа тешко повредени, а вкупниот број на повредени надмина 200 лица.
(К.М.)





