Преку Фондацијата „Адријан Живков“ вчера беа обезбедени и распределени 500 новогодишни пакетчиња за децата од Општина Чешиново-Облешево, кои беа доставени во основните училишта и градинките во повеќе населени места. Хуманитарната акција беше реализирана на датумот кога Адријан Живков ќе го одбележеше својот роденден, а неговите пријатели решија токму на овој начин да му оддадат почит.
Подароците беа поделени во основните училишта „Страшо Пинџур“ во Соколарци и „Климент Охридски“ во Облешево, како и во подрачните училишта во Чешиново, Уларци, Спанчево, Бања, Кучичино, Теранци и Чифлик. Во рамки на акцијата беа опфатени и три детски градинки – „Ѕвездички“ во Чешиново и Облешево и градинката „Штркче“ во Спанчево.
Адријан Живков е меѓу жртвите на пожарот во дискотеката „Пулс“, трагичен настан што ја потресе јавноста и во кој животот го загубија 63 лица. Според сведоштва, во критичните моменти тој покажал исклучителна присебност и хуманост, обидувајќи се да им помогне на другите присутни.
Во негова чест, неговите пријатели ја формираа Фондацијата „Адријан Живков“, со цел неговото име да продолжи да се поврзува со вредности како солидарност, емпатија и несебична помош. Од Фондацијата наведуваат дека нивната цел е преку конкретни хуманитарни активности да им помогнат на оние на кои поддршката им е најпотребна, следејќи ги принципите по кои живеел Адријан.
Од Фондацијата најавуваат дека и во иднина ќе продолжат со донации и хуманитарни иницијативи, истакнувајќи дека оваа акција претставува почеток на поширока и долгорочна мисија.
(К.М.)






