Иако медицината напредува расте бројот на починати од карцином – Мажите умираат од рак на белите дробови, а жените од рак на дојка

Најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажува дека малигните неоплазми во Македонија се втора најчеста причина за смрт кај населението по болестите на циркулаторниот систем. Во периодот 2010-2024 година стапката на морталитет се движи од 180,3 на 100000 население во 2010 година до 217,0%000 во 2024 година. Дури, доколку се погледaат графиконите, излегува дека напредокот во медицината низ годините не значи ништо, бидејќи морталитетот од карцином не само што се намалува туку постојано расте.

Податоците на ИЈЗ покажуваат дека мажите почесто умираат од карцином отколку жените ,што веројатно се должи на фактот дека најчест карцином кај мажите е тој на бронхиите и белите дробови, каде стапката на смртност постојано осцилира или се искачува. Во периодот 2010-2024 година стапката на морталитет од малигни неоплазми на возраст над 65 години осцилира и се движи од 881,1 во 2010 година до 821,3 во 2024 година на 100000 население.

Кај жените во Македонија доминира карциномот на дојката, но морталитетот е помал. Стапката на морталитет се движи од 30,0 во 2010 година, 32,6 во 2021 година, 38,5 во 2022 година и 39,4 на 100000 жени во 2024 година, пишува во анализата на ИЈЗ.

Оваа анализа ИЈЗ ја објави по повод денешниот Светски ден на борба против ракот, преку кој се подига свесноста за смртната болест и светската епидемија од рак. При тоа, од ИЈЗ потсетуваат:

„Зад секоја дијагноза се крие единствена човечка приказна – приказни за тага, болка, исцелување, издржливост, љубов и многу повеќе. Затоа, пристапот насочен кон грижата за луѓето заболени од рак кој целосно ги интегрира уникатните потреби на секој поединец, со сочувство и емпатија, води до најдобри здравствени резултати. Секое искуство со ракот е уникатно и ќе ни треба на сите нас, обединети, да создадеме свет каде што гледаме подалеку од болеста и ја гледаме личноста пред пациентот. Свет во кој потребите на луѓето и заедниците се во центарот на здравствените системи“.

Фото: Фрипик

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ