По кракткото прочистување за празниците, во изминатите два дена повотрно ни се вратија загадувачките вредности. Граѓаните се лути, споделувајќи ги високите вредности на загадениот воздух со прашање – дали навистина загадуваат домаќинствата, или се тоа печките за отпад, кои беа исклучени за време на празниците.
Скопје и Струмица се меѓу најзагадените градови, поради што на 21-ви (среда) и 24-ти јануари (сабота) се најавени протест и блокада.

Граѓанската иницијатива Стоп за Усје, ги повика граѓаните повторно на улица, како што пишува во јавниот повик „затоа што воздухот што го дишеме е секој ден се поопасен за животот“.
„Листата на барања кои ги прочитавме на првата граѓанска блокада на 26.12.2025, ги доставивме до сите надлежни институции. Но, бидејќи НИКОЈ од нив не одговори НИШТО, ниту пак не повикаа на разговор, повторно излегуваме на блокада, за да им покажеме дека ќе бидеме упорни се додека не ги исполнат нашите барања! „Или ќе излеземе сите – или ќе не снема еден по еден !. Излези, затоа што ВОЗДУХОТ нема да се исчисти сам!”, се вели во повикот.Собирањето е на раскрсницата на Бул. „Борис Трајковски” и Бул. „Србија” (правец кон Усје).
Во Струмица протест против аерозагадувањето е закажан за сабота, 24 јануари на пладне на раскрсницата кај ТЦ Глобал.

Дојде денот кога повторно сме принудени да излеземе на улица, и да го изкажеме нашиот заеднички револт против аерозагадувањето. Властите се менуваат. Функциите се менуваат. Но едно нешто останува исто: НИЕ И ПОНАТАМУ ДИШЕМЕ ОТРОВ. Со години слушаме ветувања за „чист воздух“, „стратегии“, „мерки“ и „планови“. А што добивме? НИШТО. МОЛК. ИНСТИТУЦИОНАЛНА НЕГРИЖА. Моменталната состојба во јужниот дел на градот е алармантна.
Според мерењата, изложеноста на ПМ честичките е еквивалентна на пушење 7 цигари дневно.
Некој ќе рече: „7 цигари не се многу.“ Но запрашајте се: Кој ги „пуши“ тие цигари? Само ти, или и твоето дете? Бебето во количка? Бремените жени? Старите лица? Луѓето со хронични болести, астма, срцеви и респираторни проблеми? ДОСТА Е! Доста е од неказнети загадувачи, инспекции само на хартија, институции што „не гледаат“ и „не слушаат“, систем кој ги штити трујачите, а не граѓаните.
Ова не е зима. Ова е проблем цела година. Ова не е неминовно. Ова е дозволено. Ова не е политика. Ова е право на живот. Ги повикуваме сите граѓани – родители, млади, пензионери, работници, студенти, се вели во повикот до граѓаните за протест.




