Првообвинетиот за убиството на 25-годишниот турски државјанин на 8 мај годинава во кафуле на штипскиот плоштад, Кадир Кара, на денешното второ рочиште призна вина за убиството. Одбраната на Кадир Кара бара на обвинетиот да му се суди за убиство на миг, а не за убиство со умисла, бидејќи според одбраната, Кара го извршил убиството во услови под закани и провокации од сега убиениот.
Останатите четворица обвинети за помагање на убиството, се изјаснија за невини.
Обвинетиот Кадир Кара дошол во Македонија во мај, по што бил сместен со помош од оваа група Турци, кои веќе имале регулиран престој во стан во Џевахир Сити во Скопје. Тие, преку криминални групи помагачите набавиле пиштол во Скопје, на кој му бил избришан серискиот број.
На 8 мај, околу 18 30 со возило тројцата помагачи го превезле обвинетиот до Штип, за да убие. Убиецот Кара, договорил преку Инстаграм и Уатс ап средба со убиениот, по што се сретнале во Вами кафе во Штип. Убиецот отишол до тоалетот, по што се вратил со изваден пиштол и со шест истрели го застрелал убиениот. По пукањето, убиениот 25-годишник, исто така турски државјанин, починал во Клиничката болница од хеморагичен шок (искрварување).
По убиството повикуваат женско лице (студентка трета година на медицина во Штип) за да ги превезе назад за Скопје за да бидат помалку сомнителни во полициската потрага.
Женското лице знаело дека убиството е извршено и околу 21:30 часот по барање на обвинетиот Осман, кој е студент на дентална медицина во Штип, со својот автомобил ги презема тројцата обвинети помагачи на паркинг пред зградите на Актива во Штип, а потоа и убиецот зад Нама во центарот на градот, со крајна цел сите да ги превезе во Скопје.
Кога пристигнале кај наплатната станица „Миладиновци“ и забележале полиција, женското лице запрело на 300 метри пред станицата, со цел убиецот Кадир Кара да може да побегне. Кога возилото било запрено на рампата, тројцата машки обвинети се обиделе да побегнат, но биле фатени од полицијата. Набргу е лоциран и фатен и извршителот на убиството и пронајдено е оружјето со кое е извршено убиството.
(К.М.)





