Судењето за убиството на 25-годишниот турски државјанин во кафуле во Штип од 8 мај годинава, што во моментов се одвива во Основниот суд, откри повеќе пропусти на македонскиот безбедносен систем.
Двајца турски државјани, кои помогнале и му биле логистика на убиецот, 21-годишиот Кадир Кара, биле дел од криминално подземје во Турција. Тие добиле дозвола за престој во Македонија со користење на лажни имиња, додека во Турција биле барани за тешки кривични дела. Барани се за убиства и недозволено поседување на огнено оружје.
Третиот помагач, според својот исказ бил обвинет за вмешаност во убиство, но не е осуден. Но, и овој турски државјанин покажал насилство кон девојка од Македонија, поради што македонски суд му досудил мерка забрана за прибилижување.
Читањето на обвинението на почетокот на денешното судење откри дека преку криминални групи помагачите набавиле пиштол во Скопје, на кој му бил избришан серискиот број. Обвинетиот за убиството дошол во Македонија, по што бил сместен со помош од оваа група Турци, кои веќе имале регулиран престој во стан во Џевахир Сити во Скопје.
На 8 мак, околу 18 30 со возило тројцата помагачи го превезле обвинетиот до Штип, за да убие. Убиецот Кара, договорил преку Инстаграм и Уатс ап средба со убиениот, по што се сретнале во Вами кафе во Штип. Убиецот отишол до тоалетот, по што се вратил со изваден пиштол и со шест истрели го застрелал убиениот. По пукањето, убиениот 25-годишник, исто така турски државјанин, починал во Клиничката болница од хеморагичен шок (искрварување).
По убиството повикуваат женско лице (студентка трета година на медицина во Штип) за да ги превезе назад за Скопје за да бидат помалку сомнителни во полициската потрага.
Женското лице знаело дека убиството е извршено и околу 21:30 часот по барање на обвинетиот Осман, кој е студент на дентална медицина во Штип, со својот автомобил ги презема тројцата обвинети помагачи на паркинг пред зградите на Актива во Штип, а потоа и убиецот зад Нама во центарот на градот, со крајна цел сите да ги превезе во Скопје.
Кога пристигнале кај наплатната станица „Миладиновци“ и забележале полиција, женското лице запрело на 300 метри пред станицата, со цел убиецот Кадир Кара да може да побегне. Кога возилото било запрено на рампата, тројцата машки обвинети се обиделе да побегнат, но биле фатени од полицијата. Набргу е лоциран и фатен и извршителот на убиството и пронајдено е оружјето со кое е извршено убиството.
Одбраната бара кривично дело „убиство на миг“
Одбраната на обвинетите во своите воведни зборови побара кривичното дело да се преиначи во „убиство на миг“ и дека се направени пропусти, па затоа побара делото да биде класифицирано како „убиство на миг“. Шенаи Османов бранител на првоосомничениот и четвртоосомничениот изјави дека обвинението е невистинито, со приложени докази за тоа.
„Денеска имавме прилика да видиме добро составено обвинение од страна на ОЈО Штип, но за жал истото не е вистинито. Ние како одбрана увидовме низа на пропусти во обвинението и сметаме дека ОЈО Штип со ваквото обвинение не докажува разумно сомневање. Како одбрана ќе ја докажеме вистината дека ниту убиството е сторено со умисла, а ниту, пак, соизвршителите се помагачи во ова кривично дело“, рече Османов.
Тој истакна дека сега убиениот турски државјанин бил познат по своето насилно осудување, закани и уцени кои ги правел кон турските студенти во Штип, а и тој имал лично поднесено кривична пријава против него, но како што тврди Обвинителство не презело ништо.
Следното рочиште е закажано за 19 декември.




