Бугарскиот амбасадор во Македонија, Жељазко Радуков по денешниот нападот врз бугарската амбасада во Скопје за Бугарската национална телевизија (БНТ) вели дека сторителот е забележан од безбедносните камери. Според изјавата на амбасадорот, се гледа како се приближува човек до влезната врата на амбасадата и со тежок, остар предмет го крши стаклото на влезната врата и се одалечува.
-Тоа е армирано стакло, витрина на влезната врата. Таа е двојно застаклена, имаме пристојно ниво на безбедност. Успеал да го скрши само првото заштитно стакло и веројатно затоа не го продолжил нападот, бидејќи видел дека после тоа има повеќе заштитни системи, вели Радуков.
Македонското Министерството за внатрешни работи информира дека денеска во 15:55 часот, во СВР Скопје, од страна на Одделот за обезбедување на определени личности и објекти при МВР, било пријавено оштетување на стаклото на влезната врата од Амбасадата на Република Бугарија.
-Офицерот за безбедност на Амбасадата, преку системот за видео надзор, забележал оштетување на стаклото од влезната врата на објектот. Според досега утврденото, оштетувањето го извршило засега непознато лице, кое со удар со рака го оштетило стаклото од влезната врата, соопштија од МВР.
На местото на настанот биле преземени соодветни полициски мерки, а надлежните служби работат на расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот.
Министерство за надворешни работи на Бугарија остро го осуди нападот, кој го оцени како неприфатлив напад врз статусот на дипломатската мисија и грубо кршење на Виенската конвенција за дипломатски односи.
„Не сум сигурен дали нападот е резултат на најновата ескалација на говорот на омраза и манипулацијата со вистината, дипломатски кажано, на темата Бугарија се случува со децении. Оваа акција го проширува кругот на потенцијални сторители на вакви напади. Дали лицето се чувствувало охрабрено од овој говор во последните недели или пред него – во овој случај е неважно. Проблемот е што бројот на луѓе како него постојано се зголемува како резултат на овој намерно создаден наратив“, изјави Радуков за БНТ.




