Трите иницијативи споени во една со кои се оспоруваат одредбите од Законот за прекршоци, а кои се однесуваат на функционирањето на системот „Сејф сити“, беа отфрлени на седница на Уставниот суд. Овие иницијативи беа поднесени, како што стои поради тоа што пораките за прекршување, кои се испраќаат до учесниците во сообраќајот се само на македонски јазик, не и на албански, системот важи само во неколку градови, не и во целата земја, но и поради обврската да се достави број на мобилен телефон и електронска адреса во МВР. Според аргументите на уставната судијка Ана Павловска – Данева, законот важи за целата држава, без исклучок.
– За територијалната примена на закон, во Законот за прекршоци нема одредба дека тој важи за една, две или три општини, туку дека ќе важи за целата територија. Примената на законот е примена и за тоа одлучува извршната власт. Не знам што би укинале кога таква одредба во законот нема, тој важи за целата територија. Од сите аргументи предлагам отфрлање на наша надлежност за иницијативите, бидејќи нема причина за поведување постапка или, пак, одлуката да биде дека сме ненадлежни за примена на законот. Никаде не наоѓаме основа за поведување постапка , образложи судијката Павловска-Данева.
Во однос на наводите за неупотребата на албански јазик, претседателот на судот, Дарко Костадиновски, рече дека проектот „Безбеден град“ е проектиран да препознае возило, регистрација, не јазик.
-Сметам дека пораката треба да биде на македонски, бидејќи тој е службен јазик и дека тоа е право и должност за сите граѓани. Добро е пораките да бидат на македонски и на англиски јазик оти и странец може да направи прекршок. Прашањето на јазикот мислам дека сосема исправно е уредено во Законот за прекршоци, каде тој упатува на примена на јазикот, но во постапката. Текстуалната порака е доволно да биде на македонски и на англиски. Тој систем не регистрира човек, туку возило. Тој потоа во сите фази од постапката ќе го користи албанскиот јазик. За поседување мобилен не постои обврска, но нема ни обврска за поседување возило. Сепак, реалноста е дигитализацијата, рече Костадиновски.
Дополнително, како што објасни, нема ни законска должност да се поседува оружје, но ако сакаш, законот пропишува кој може да поседува.
-Ние сме европски рекордер по сообраќајки, што значи возилото кај нас е оружје, тогаш ќе треба да поседува и телефон. Ако не, нека оди со коњ. Таква ни е реалноста, кажа Костадиновски на седницата.
„Сејф сити“ е предмет на разгледување и по уште една иницијатива која не е завршена и за неа се чека одлука. Станува збор, меѓудругите и за одредбата од Законот за прекршоци, кој предвидува санкција одземање на возило.




