Колективна оставка поднесе раководството на партијата на Таравари

На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците (ААШ) на Арбен Таравари комплетното раководството поднесе колективна оставка. Како што објаснуваат од партијата, оваа одлука „е донесена едногласно по внатрепартиска дебата, со што се отвори патот за реформи, вклучување на нови кадри и длабока реорганизација во пресрет на Собранието и Конгресот на партијата“. Таравари останува за ја води партијата како претседател до потврдување на оставките.

„Оваа одлука е донесена со убедување дека на партијата ѝ е потребна организациска свежина, вклучување на нови кадри и длабоки и сеопфатни реформи, кои дополнително ќе го зајакнат политичкиот профил и внатрешното функционирање на Алијансата за Албанците, како и размислување за изборните резултати од локалните избори“ стои во партиското образложение.

Собранието на партијата се очекува да се одржи кон средината на февруари, додека Конгресот на партијата се очекува да се одржи најдоцна до есента оваа година.

Одлуката за колективна оставка следи по завршувањето на повторените избори за градоначалник во четири општини, каде АА настапи во коалиција со ДУИ.

ДУИ упати повик за приклучување кон нивната политичка формација, на како што соопштија од раководството, „сите политички партии во земјата кои се блиски до нивната визија, како и до интелектуалните, општествените и професионалните капацитети “

По ова Таравари, во гостување на ТВ 21 рече дека немаат намера да се претопат во ДУИ, но дека се отворени за соработка.

„Немаме ништо заедничко со ДУИ. Ништо! Соработувавме за локалните избори и мислам дека таа соработка треба да продолжи, но ние имаме наша стратегија која треба да ја подготвиме и да ја презентираме на партиското собрание, кое верувам ќе се одржи на 15 февруари со десетгодишна стратегија на партијата, како и подготовки за конгресот што најверојатно ќе се одржи на есен. Со ДУИ имаме и ќе имаме соработка, но за спојување воопшто не размислуваме, бидејќи тие се левичарска партија, а ние сме десничарска“, изјави Таравари.

По повикот од ДУИ позитивно одговори Аријанит Хоџа, кој објави дека неговата партија Европска демократска партија се спојува со партијата на Ахмети.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ