Костадинов: Нека победи човек-визионер кој ќе носи одлуки во интерес на струмичани

На стартот од изборната кампања пред Локалните избори на 19 октомври, актуелниот градоначалник на Струмица Костадин Костадинов, во јавен повик потсети дека следните денови ќе бидат тест на нашата демократсска зрелост. Тој смета дека Струмица секогаш била пример за политичка коректност и фер натпревар на идеи, но овие избори,  се различни од сите претходни.

-Токму затоа, најважно е сите кандидати и за градоначалници и за советници да се насочат кон локалните предизвици и решенија, наместо кон национални или, уште полошо, меѓународни теми.

Нашиот град има потреба од визија и континуиран развој. Визионерството понекогаш знае да биде сурово, бидејќи одлуките што се носат можат да изгледаат тешки и непопуларни. Но важно е тие одлуки искрено да се прикажат пред граѓаните, дури и кога во очите на градоначалникот изгледаат сурови. Само така може да се обезбедат трајни резултати и стабилна иднина. Одрекувањето или оградувањето од визионерските проекти не му носи добро на никого, напротив ја поткопува довербата и најмногу им штети на граѓаните“, смета Костадинов.

Костадин Костадинов на овие локални избори не е кандидат, односно не е активен учесник. На неколку месеци пред изборите, тој го замрзна своето членство во СДСМ.

Во јавното обраќање, Костадинов потсетува дека  Струмица отсекогаш била пионер на прогресивни политики и проекти, од времето на Манолев, преку Грчев, Јанев, Заев и Јаневски, па сè до денес.

-Освен со прогресивност, нашиот град се гордее со дух на мирољубие, вистинска еднаквост и инклузија на етничките малцинства, афирмација на жената и нејзината улога во општеството, зачувување на традиционалните и духовни вредности, развој на културата и спортот, сè што ја прави Струмица посебна. На сите кандидати им посакувам фер и коректна кампања. Нека победи вистинската визија, визијата на човек кој уште денес треба да има јасна слика за тоа како ќе изгледа Струмица по четири години, на денот кога ќе треба достоинствено да ја предаде должноста, порача Костадинов.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ