Кочани во вториот круг ќе избира меѓу Венко Крстевски и Владко Грозданов

Меѓу Владко Грозданов од ВМРО ДПМНЕ и независниот кандидат Венко Крстевски ќе се кршат копјата за градоначалничката позиција во втората најголема општина во источниот регион.

Владко Грозданов освои 39,79% од гласовите или 5.641 глас, што го прави прв по бројот на гласови, наспроти Венко Крстевски кој освои 23,94% или 3.394 гласови, што го прави втор кандидат по бројот на гласови.

Трет по бројот на гласови беше Игор Христов од СДСМ со 17,24% или 2.444 гласови. Независниот кандидат Зоран Тодоров беше четврт со 10,51% или 1.490 гласови. Жаклина Филипова – Свеќаровска од Левица освои 2,04% или 289 гласови, а Даниел Глигоров од Единствена Македонија 0,75% или 107 гласови.

Неизвесен втор круг

Вториот круг од изборите за градоначалник во Кочани ќе биде особено неизвесен, со оглед на тоа дека под услов да има слична излезност, дури 36% од гласачите од првиот круг, чии кандидати не влегоа во вториот круг, ќе треба да изберат меѓу Грозданов и Крстевски.

СДСМ досега нема најавено како би постапиле во случај нивниот кандидат да не влезе во вториот круг, иако во една прилика Венко Филипче изјави дека во случај кандидати на СДСМ да не влезат во втор круг во некои општини, партијата ќе одлучи кого ќе поддржи. Тука се отвора и прашањето дали доколку СДСМ ги повика своите гласачи да гласаат за Крстевски, гласачите тоа и ќе го сторат и дали доколку не ги повика, тие ќе одлучат да гласаат за противкандидатот на ВМРО ДПМНЕ. Досега СДСМ еднаш го има поддржано Крстевски, а тоа беше на седницата за избор на в.д. градоначалник, по оставката на Љупчо Папазов. Тогаш советниците на СДСМ и коалицијата едногласно го поддржаа за в.д. градоначалник.

Во моментов Венко Крстевски и Игор Христов од СДСМ заедно имаат 41,18% од гласовите, што е за 2% повеќе од Владко Грозданов и ваквата комбинаторика ги враќа на голема врата надежите за победа на Крстевски.

Од друга страна Владко Грозданов е покомфорен. Тој самиот има над 5.600 гласови и за него веројатно треба помалку труд да дојде до победа.

Ќе го поддржи ли СДСМ Венко Крстевски за приближување на резултатите со ВМРО ДПМНЕ?

Четвртиот фактор

Во Кочани, покрај ВМРО ДПМНЕ, Венко Крстевски и СДСМ, овие локални избори има и четврт фактор, кој воопшто не е за потценување, а тоа е независниот кандидат Зоран Тодоров. Тој не ја крие својата блискост со ВМРО ДПМНЕ во минатото, но одлучи да се кандидира како независен, а на новинарските прашања дали го стори тоа затоа што ВМРО ДПМНЕ не го кандидираше или дали можеби се кандидираше за да постизборно неговата советничка листа се приклони кон ВМРО ДПМНЕ за формирање на мнозинство во советот, и на двете прашања одговори негативно.

Ден по трагедијата во Пулс, на 17-ти март, во понеделникот, избија насилни протести во Кочани, а кога демонстрантите го нападнаа кафулето на Дејан Јованов Деко, Класик кафе, во центарот на градот, Зоран Тодоров за момент успеа да ја вразуми толпата со повик да запре насилството, но и пред сите рече дека двете најголеми партии немаат што да бараат на локалните избори во Кочани. Ако тој негов повик од демонстрациите го земеме во обзир, тогаш тој не би ги повикал своите гласачи да гласаат за ВМРО ДПМНЕ, а нивната бројка воопшто не е за потценување и голема е веројатноста токму таа голема група на гласачи да биде онаа што ќе одлучи кој ќе биде идниот градоначалник на Кочани.

Ќе ги повика ли Зоран Тодоров своите гласачи да поддржат некој од кандидатите?

Никој нема мнозинство во советот

Ниту една од кандидатските советнички листи не освои мнозинство во советот, кој го сочинуваат вкупно 19 советнички места. Најмногу има листата на ВМРО ДПМНЕ, предводена од Александар Андов – 8 советници. Втора е независната листа предводена од Благица Бато Сабовљевиќ Стоименова со 4 мандати. Трети се СДСМ со 3 мандати, 2 мандати освои независната листа предводена од Влатко Здравков, а по еден советнички мандат освоија ЗНАМ со Суад Мехмед и независниот Аки Акиов.

За мнозинство во советот се потребни 10 советници. Аки Акиов веќе кажа дека го поддржува Венко Крстевски, па на независната листа на Сабовљевиќ Стоименова може да и се додаде и неговиот мандат, што прави 5 советници. Доколку СДСМ го поддржи Венко Крстевски, тоа се уште 3 мандати, со што вкупниот број изнесува 8.

Кај ВМРО ДПМНЕ очекувано е советникот на ЗНАМ да им се приклучи, со што би имале 9 мандати.

На крајот, по се изгледа, останува независните советници Влатко Здравков и Мануела Саидова да бидат можеби најклучните за тоа кој ќе успее да оформи советничко мнозинство.

Вториот круг од изборите за градоначалник е на 2-ри ноември, а дотогаш се очекува да бидат малку повеќе познати комбинаториките, како во советот, така и во поддршката на двајцата преостанати кандидати од групите и партиите кои се факторизираа во првиот круг од локалните избори.

(К.М.)

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ