Кочанската рок-група „Корка“ ја освои наградата од публиката на меѓународен натпревар во Брисел

Младиот рок-состав од Кочани, „Корка“ освои најмногу гласови од публиката на интернет-гласањето и ја доби Наградата од публиката (People’s Choice Award) на Финалниот меѓународен натпревар „Имаџин мјузик експириенс“ (Imagine Music Experience International Finals), што се одржа вчера, на 14 декември, во Брисел, Белгија.

„Наградата беше официјално објавена од организаторот-домаќин при прогласувањето на најдобрите и доделувањето на признанијата. Веста со гордост ја потврди и Музичката младина на Македонија (JM Македонија), која беше организатор на домашниот натпревар ‘Имаџин Македонија’, на којшто ‘Корка’ победи и се стекна со правото да ја претставува нашата држава на меѓународната сцена. На меѓународното финале во Брисел, покрај македонскиот претставник, учествуваа и млади музичари од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија и Велика Британија. Ова е четврта година по ред што Музичка младина на Македонија учествува на натпреварот со национален финалист, а годинава бендот ‘Корка’ за првпат донесе меѓународно признание за Македонија во рамки на овој натпревар“, се наведува во соопштението.

Победник на натпреварот беше белгискиот рок-бенд „Кримсон булет генерејшн“ (Crimson Bullet Generation).

„Имаџин мјузик експириенс“ е меѓународен музички натпревар за млади музичари на возраст од 13 до 21 година, отворен за сите музички жанрови. Натпреварот го организира „ЈМ Интернационал“ (JM International) – глобална организација посветена на развојот на младите преку музика и уметност, којашто ги поддржува младите таленти преку натпревари, едукација, вмрежување и настапи на интернационални сцени.

„Корка“ беше избран за национален победник на „Имаџин Македонија 2025“, на финалето што се одржа на 10 октомври 2025 година во МКЦ – Скопје, каде што настапија осум квалитетни бендови со оригинална музика од различни жанрови. Победничкиот бенд се одликува со „гранџ ноиз рок“ звук потпис од Кочани, се вели, а со својата енергија, авторска музика и силна поврзаност со публиката се истакна меѓу учесниците од повеќе европски земји. 

„Признанието од публиката претставува значаен поттик не само за младите музичари од Кочани, туку и за целата млада музичка сцена во државата“, истакнаа од Музичката младина на Македонија.

Оттаму упатуваат посебна благодарност до Ива Дамјановски – координаторка на македонскиот натпревар, за нејзината посветеност и поддршка. Благодарност и до сите поддржувачи на проектот, меѓу кои „Мртов Коњ“ и „Гола планина колектив“, кои придонесоа за успешната реализација на националниот натпревар и за меѓународниот настап.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ