Трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани остави неизбришлив белег врз многу семејства и пријатели. Меѓу младите животи што згаснаа таа кобна ноќ беше и оној на Петар Ивановски од Кочани, роден 2004 година. Само 20-годишен, со соништа и планови пред себе, Петар остана засекогаш запаметен како надежен кошаркар, но и добар другар и син, кој имаше исклучителна љубов кон спортот.
Тој беше дел од кошаркарскиот клуб „Баскет Дино“ од Кочани, чиј терен го сметаше за свој втор дом. Судбината посака уште еден негов соиграч, Александар Карадакоски, исто така да биде меѓу жртвите на пожарот, оставајќи ја спортската заедница во длабока болка.
За да не згасне споменот, на 18 јули, токму на денот кога Петар требаше да наполни 21 година, на надворешниот ѕид на спортската сала „Сашо Лазаров Чапо“ во Кочани беше откриен мурал. На него Петар е прикажан во дресот на „Баскет Дино“, со топка во рацете – како симбол на неговата најголема љубов и како потсетник на генерациите што доаѓаат за неговата посветеност и борбен дух.

Но, почитта не застана тука, клубот и другарите решија да ја продолжат приказната на Петар. По иницијатива на неговите блиски другари – Марко Коцев и Љубомир Игнатов, кој таа вечер, за среќа, се спаси со полесни повреди, годинава на 7 септември, за првпат турнирот „Кочани 3х3“ беше преименуван во меморијален турнир „Петар Ивановски“. Турнирот не беше само спортски настан, туку и симбол на љубов, солидарност и сеќавање на младоста што прерано згасна.

Денес, неговите соиграчи и пријатели велат дека кога ќе застанат пред муралот, имаат чувство дека Петар е сè уште со нив, дека неговата насмевка ги охрабрува да продолжат понатаму. Иако животот му беше прекинат во најубавите години, споменот за Петар Ивановски останува жив – на спортските терени, во срцата на неговите најблиски и на ѕидовите на градот што го сакаше.








