Во најновото издание на емисијата Стадион, насловено како „Кочани, хроника на една најавена трагедија“ гостуваат повеќе родители на настраданите во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“.
Андреј Стојанов е еден од петтемина загинати од кочанската населба Оризари, кој кобниот ден се вратил од Скопје на викенд во Кочани за концертот на ДНК. Заедно со уште тројца другари заминале во дискотеката Пулс. Тројца од нив не ја преживеале вечерта. Неговиот татко Томче Стојанов, се сеќава на траорниот ден:
„Таа кобна вечер со договор со неговиот другар имењак Андреј Лазаров, фудбалер во Шкупи. Двајцата биле тој ден во Скопје, се слушнале вечерта да се видат во Кочани во кафичот Класик. Откако завршила дружбата во кафичот, тој со неговиот другар и уште двајца другари заминале на концертот на групата ДНК. Иако било пренатрупано со луѓе, никој не помислувал на лошо се до моментот додека не избувнал пожарот. По настанокот на пожарот по кажувањата на неговиот другар, единствениот преживеан од друштвото, и такси превозникот кој го однел Андреј со други деца – Андреј успеал на нозе да излезе од дискотеката, потоа се качени во возилото на такси превозникот кој ги однел во болницата. Тогаш уште во болницата немало гужва. Излегле на нозе, кога после на објавата такси превозникот го видел ликот на нашиот син, тој го запаметил бидејќи беше висок и спортски граден, седел напред на совозачкото седиште, и вика кога го видов на објавата дека тоа дете починало, бев запрепастен, затоа што нормално функционираше. Во наодот од обдукцијата ни е напишано дека е насилна смрт од надишување на јаглерод моноксид. Неговата женска ни ѕвонеше дека е на диско, му вртела не кревал, почнавме и ние да вртиме, не ни крева, по што отидовме во болницата. Беше гужва на сите страни и не добивме никаква информација за Андреј и не не пуштаа, ни рекоа да бараме во Штип и Скопје. Јас во договор со сопругата и родителите на Лазаров останав во Кочани, а тие заминаа во Штип. После извесно време кога стигнале во Штип ми се јавија дека нема информации, продолжија за Скопје. После саат време ми се јавија од Скопје дека ги нема ниту таму. Се вратија во Штип и по ангажман на други луѓе, познаници, роднини, со нивни ангажман Андреј Лазаров го пронаоѓаат, а немаше никакви информации за нашиот Андреј. Веќе ситуацијата ми стана сомнителна. Полициски кордон, во болницата не пуштаат никого. Јас со сликата со молби, ништо, дури веќе 9 30, 10 часот, еден од полициајците го замолувам, со сликата, кажувам податоци, он влезе во болницата, излезе и ми кажа „Вашиот син за жал е починат“. Кога дојде мајка му, што ќе и кажам. Кога и кажав, она почна да писка, падна на земјата, паднав и јас. Не боцкаа, не држеа. После некое време се молиме, плачеме, мене не ме пуштаат. Мајка му со помош на медицинска сестра ја пуштија да види каде е Андреј. Она влезе внатре и едно дете што го познава. Влегоа, виделе многу вреќи, многу починати деца во вреќите, а наш Андреј го наоѓаат како лежи на болнички кревет без ни една изгоретина, без нешто да му фали, повреди, оштетувања на гардеробата. Мајка му кога излезе само тоа ми го рече „На наш Андреј ништо не му фали, само не дише“. До кој временски период бил жив, дали му е пружана помош, кој му рекол или сам легнал на тој болнички кревет, прашавме неколку пати, сите грчат рамена, викаат беше хаос. Останавме без одговор за тоа прашање, а тоа највеќе не боли, дали воопшто му е пружена прва помош. Го загубивме, а убедени сме дека барем првична помош да му била пружена, сите сме свесни за гужвата и за ситуацијата, ама веријатно сите гледале на тие деца обрќале внимание што се изгорени, што викале за помош, а овие што ги гледале целосни, без повреди, не им обрнале внимание, а никој ни самите доктори, ни самите деца не знаеле дека вдишале отров.“ – вели Томче, таткото на Андреј Стојанов.
Целата емисија стадион можете да ја проследите на линкот:






