Алатки за препознавање на манипулации и дезинформации, како и клучни совети за самите да не станеме пренесувачи на дезинформации им понуди Балканскиот медиумски камион кој денеска беше со граѓаните на Штип. Тимот на Фондацијата „Метаморфозис“ низ игра, тестови на знаење, квизови и едукација подеднакво на младите и возрасните им ги претстави тие алатки и совети. Дека дезинформациите и непознавањето на медиумите не е играчка, зборува и фактот дека не сакајќи секој од нас може да прошири дезинформација, да ја загрози приватноста на другиот или да стане жртва на онлајн измама.
Поради тоа, како што рече Деспина Ковачевска од „Метаморфозис“, многу е важен ваков тип на едукација и ширење на медиумската писменост и за младите и за возрасните.
-Порано кога имало само Телевизија имало еден филтер, каде што уредникот во телевизиите одлучувал што ќе помине. Но, сега секој може да постира било каква информација на интернет, а најпогодени се мислам постарите и најмладите генерации, бидејќи не се свесни дека таа информација може да биде лажна, намерно манипулирана и создадена, за да не измами и да наруши некаков демократски процес, изјави Ковачевска.

Жолтиот камион „Balkan news truck“ денеска беше во Штип на Градскиот плоштад, каде ќе биде до утре, кога ќе може да им одговори на дилемите и прашањата на штипјани. Оваа активност е дел од проектот „Споделени хоризонти“, којшто се спроведува во шест земји од Западен Балкан, финансиран од француското Министерство за надворешни работи. Амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер рече дека борбата против дезинформации е еден од најголемите приоритети, а неговата земја во блиското минато беше цел на бројни дезинформациски напади, што е напад на обид за дестабилизација на земјите.
-Зошто овој камион за борба против дезинформации? За да се сретнеме со јавноста на оригинален начин да ја подигне свеста на забавен и прагматичен начин, за формите и последиците од дезинформациите. Овде во Штип е третата македонска етапа по Битола, Гостивар, а пред Скопје, вели амбасадорот Ле Риголер.

Балканскиот медиумски камион во земјите од Западен Балкан ќе посети вкупно 20 градови, нудејќи им на граѓаните, особено на младите, интерактивни квизови, дискусии, работилници и видео-проекции. Неговата цел е да ја истражи улогата на информациите во современото општество и да ја зајакне отпорноста на граѓаните кон дезинформации и манипулации. Во Македонија, турнејата завршува на 15 ноември во Скопје, по што следна дестинација на медиумски камион е Србија.


































