По интензивните врнежи повеќе десетици куќи на улицата „Прилепска“ во Кичево останаа под вода. Во делови од улицата има куќи кои се еден метар под вода, соопштија од општината Кичево. Станарите од поплавените куќи се привремено сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Обезбедена е храна, вода, душеци и ќебиња, а побарана е помош од Црвениот крст и Дирекцијата за заштита и спасување. Побарана е и лекарска помош, бидејќи некои од евакуираните граѓани се болни и настинати.
Од ЈКП „Комуналец“ информираа дека на терен ги занираат последиците од поплавите на повеќе локации низ градот. Поради обилните врнежи, на неколку места е забележано излевање на реките низ Кичево.
-Екипите со механизација и човечки ресурси интервенираат согласно приоритетите, со цел заштита на граѓаните и минимизирање на штетите. Апелираме до граѓаните на зголемена внимателност и да се избегнува движење во близина на надојдените речни корита, соопштија од „Комуналец“.




