Македонскиот премиер Христијан Мицкоски во интервју за Еуроњус во Брисел, осврнивајќи се на напредокот на Македонија кон ЕУ и нотираните застои на тој пат, рече дека земјата е закочена од бугарското вето.
„Ако некој се осмелува да малтретира некого друг што сака да се приклучи на клубот, зошто другите треба да молчат? Ако еднаш го прифатиме овој принцип, тој ќе ги уништи сите вредности изградени од Шуман, Де Гаспери и Аденауер“, додаде Мицкоски.
Еврокомсарката за проширување, Марта Кос, само во една реченица се осврна на Македонија, презентеријаќи го пакетот извештаи за напредокот на земјите аспиранти, додавајќи дека земјата мора да ја исполни обврската од 2022 година, а тоа се уставните измени.
„Граѓаните на мојата земја ме прашуваат во што е проблемот сега. Зошто повторно да го менуваме Уставот?“, рече Христијан Мицкоски, осврнувајќи се на застојот поради барањата на Бугарија.
Медиумот потсетува дека бугарската влада инсистира Македонија да ја признае „заедничката историја“ на двете земји и бугарските корени на македонскиот јазик, но исто така и да го измени својот Устав за експлицитно да го признае бугарското малцинство.
Овие барања од многу Македонци се сметаат за напад врз нивниот национален идентитет.
Проширувањето на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан би значело „повторно обединување на Европа“, изјави Мицкоски, повторувајќи го тврдењето на Урсула фон дер Лајен во нејзиниот последен говор за состојбата на Унијата.
„Мислам дека иднината на мојата земја е во Европската Унија. И покрај сите понижувања и разочарувања, кои се дел од моменталната фрустрација на нашите граѓани, ги делиме истите вредности“, рече тој.
20 години откако стана кандидат за ЕУ, Северна Македонија сè уште чека да се отвори првото поглавје од преговорите.
Еуроњус зборувајќи за Мицкоски и неговите изјави пишува дека тој особено го употреби терминот „Македонија“ наместо „Северна Македонија“ по неговото назначување, опишувајќи го уставното име на земјата како „срамно“.
Мицкоски, исто така, го критикуваше договорот со Бугарија, нарекувајќи ја одлуката на неговите претходници „политичка и стратешка грешка“ што го загрози европскиот пат и иднината на земјата.
Минатата година, тој ја обвини ЕУ дека се обидува да „диктира“ што треба да прави Северна Македонија и посочи дека нема да прифати понатамошни одложувања во преговорите за членство.
Извор и фотографија: Еуроњус





