Македонија има потреба од своите луѓе – и од оние што останале, и од оние што заминале, но никогаш не ја изгубиле врската со татковината. Премиерот Христијан Мицкоски на Форумот на повратници, кој денеска се одржа во Владата, упати силна порака до македонската дијаспора: знаењето, искуството и енергијата стекнати во странство се добредојдени дома.
Обраќајќи се пред луѓе кои, како што рече, ја познаваат Македонија и одвнатре и однадвор, Мицкоски нагласи дека заминувањето на илјадници граѓани не било избор од желба, туку од нужност – потрага по сигурност, перспектива и подобар живот. Посебно ја истакна тежината на одлуката да се вратиш и повторно да започнеш приказна токму тука.
„Вашето враќање не е симболично туку суштинско, тоа е порака дека Македонија не е заборавена, дека корените не се пресечени, дека љубовта кон домот не исчезнува без разлика на годините и далечината. Сакам јасно и искрено да кажам – ние не може да им се лутиме на оние што заминале, ги разбираме. Ја разбираме нивната мака, борба и тешки одлуки. Знаеме дека многумина заминаа бидејќи немаа избор. Но, колку и да оди човек далеку, срцето секогаш влече назад, затоа што, како што мудро вели нашиот народ – каменот тежи на своето место“, изјави Мицкоски.
Тој истакна дека, иако Македонците може да бидат успешни каде било во светот, чувството на припадност е најсилно дома. Токму затоа, рече, искуството стекнато во странство добива вистинска смисла кога се вложува во развој на сопствената земја – преку нови бизниси, работни места, идеи и свежа енергија во економијата.
Мицкоски нагласи дека Македонија веќе не е земја што стои во место, туку држава во развој, со инвестиции во индустријата, енергетиката и инфраструктурата, како и со сè поголем простор за претприемништво, иновации и младински иницијативи.
Како Влада, додаде, нивна обврска е да обезбедат стабилност, правна сигурност и јасна развојна насока, но потенцираше дека ниту една стратегија не може да успее без луѓето.
„Државата не се гради само со институции, туку со знаење, искуство и храброст да се преземе одговорност“, порача премиерот, додавајќи дека Македонија ги повикува сите свои луѓе што сакаат да придонесат за подобра иднина.
На крајот, Мицкоски истакна дека патот нема да биде лесен, но дека нуди смисла – можност личниот успех да стане колективна придобивка. Македонија, како што рече, е дом што се гради и унапредува, а повратниците се жив доказ дека враќањето не е слабост, туку сила.
Форумот продолжува со сведоштва на повратници, како и со обраќања на претставници од повеќе државни институции.
Фото: Влада





