ExYu
Fresh
Cafe
Radio EastGate Mall
Play button

Зголемена локална транспарентност

Наместо регионална депонија во струмичко има 100 диви депонии

today28/12/2018 31

Background

Струмичкиот регион како земјоделски се гуши во отпад. Речиси сите населени места имаат една до две диви депонии, а купишта ѓубре се фрла и покрај локални патишта, реки и канали. Органски отпад, пластика, хартија и градежен шут има насекаде, а во нивна близина се одгледува зеленчук, овошје.

„Се фрла насекаде, не плаќаат за ѓубре и каде им падне го оставаат. Ама тоа е поради тоа што нема инспекции и казни.Треба да ги казнуваат, оти, еве се праваат лом дури и кршаат столбчињата по патот за да го фрлат ѓубрет“ вели Ванчо Костов од Ангелци.

Се претпоставува дека во струмичко има над 100 диви депонии, од кои се шири неподнослива реа и ја загадуваат животната средина. Екологистите со години алармираат да се стави крај на неконтролираното фрлање ѓубре.

Потребна е контуинирана едукација на населението, потоа комуналните претпријатија да воспостават систем на организирано собирање на отпадот, но и да се применуваат казни од комуналните инспектори. Според мене, станува збор за колективна одговорност. Вина има не само кај граѓаните туку и кај институциите, пред сѐ кај општинските комунални претпријатија кои мора да обезбедат услови за складирање, собирање и транспорт на отпадот, но и инспекциските служби кои мора да почнат да казнуваат“, вели Митко Шопов од еколошкото друштво „Планетум“

Јавните комунални претпријатија ги чистаат дивите депонии. Го собираат отпадот и го транспортираат до локациите кои се општински. Признаваат дека  од сите села не испорачуваат услуга за организирано собирање на отпадот и дека тешко се менуваат навиките кај граѓаните, посебно од руралните средини, вели директорот на Комуанлец, Зоран Ѓеоргиев.

„Проблем ни се дивите депонии. Годишно двапати ги чистиме, но повторно се создаваат. Постојано апелираме до граѓаните да не го фрлаат ѓубрето кај што ќе им падне. Се обидовме и механички да ги затвориме приодите кон тие локации, но не успеваме. Во поголемиот дел од струмичките населени места двапати неделно го собираме отпадот, но навиките кај жителите тешко се менуваат.Имаме населени места каде што сѐ уште  не сме влегле со собирање на ѓубрето. Во моментов немаме средства за да им обезбедиме садови, но за идната година ќе планираме средства во Буџетот“, вели вели Зоран Ѓеоргиев, директор на ЈП „Комуналец“ од Струмица.

Хаосот со фрлање на отпадот насекаде треба да се реши со отварање регионална депонија. Југоисточниот регион во 2012 година преговараше со австриската  компанија АСА,  но дијалогот пропадна поради разликите околу цената што требаше да ја плаќаат граѓаните за собирање на ѓубрето.

Австријците побараа месечно домакинствата од руралните подрачја да плаќаат по 300 денари, а од урбаните средини по 600 денари. Законската регулатива наложува општините да се здружат и воведат регионален систем за интегрирано управување со отпадот, со што би се затвориле сите општински и диви депонии. Па така овој регион постапката ја почнува од нула.

Моравме да стартуваме од самиот почеток. Откако не добивме средства од државата за изработка на регионален план за управување со отпадот, моравме сами да обезбедиме пари за таа намена. Планот треба да биде готов, по што ќе бараме решенија за собирање, транспорт, депонирање и преработка на отпадот. Во планот ќе има сеопфатна анализа за каков отпад станува збор, каков е процентот на опслуженост на жителите по општини, каква е инфраструктурата и капацитетот на комуналните претпријатија во тој поглед. Врз основа на тој план како официјален документ, Советот на градоначаниците ќе одлучи кој модел ќе биде избран, дали ќе биде приватен инвеститор, ќе се формира регионално комунално претпријатие или ќе се оди на јавно приватно партнерство“, вели Жулиета Ѓуркова од Цетарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Пресметале дека годишно од овој регион се создава околу 22 илјади тони органски отпад, кој може да се искористи за добивање органско ѓубриво – компост. Од таму тврдат дека градинарскиот отпад е многу поголем бидејки анализата е правена на создаден и собран отпад преку комуналните претпријатија, а праксата покажува дека земјоделците остатоците од зеленчук ги оставаат по патишта, канали или селски депонии.

„Во овој регионален план акцент даваме и за домашното компостирање, бидејки како регион сте познати по земјоделие. Имате премногу рурално население кое може да компостира дома со што ќе се намалат количините на одложен отпад во депониите,  а од друга страна ќе се подобри услугата на комуналните претпријатија, кои нема потреба толку често да собираат отпад од селата, нема да има потреба од селекција бидејки отпадот ќе биде селктиран, а земјоделците ќе може да профитираат со производство на органско ѓубриво,“ рече Игор Ристовски од Градежниот институт од Скопје.

Екологистите и понатаму предупредуваат дека крајно време е локалните власти да се зафатат со решавање на овој проблем, бидејќи сегашните општински депонии се пренатрупени и преставуваат сериозна закана за животната средина, но и човековото здравје, бидејки таму се хранат свињи, има собирачи на старо железо и пластика. Како што велгат градоначалнците сериозно да се посветат на решавање на овој проблем и да бидат пример за почитување на законската регулатива, која е децидна дека треба да се затворат сите депонии со отварање на регионална во секој плански регион.

Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат  мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија. 

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%