Определувањето на мерката „претпазливост“ со одземање на пасошот предизвика различни реакции низ медиумите и социјалните мрежи. Дополнително, училиштето каде предава – средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“ му изрече суспензија. На професорот му е изречена и забрана за приближување и контакт со 18-годишната ученичка која го пријави.
Јавното обвинителство покрена постапка за кривичното дело: „Сексуално вознемирување“ од Кривичниот законик. Според пријавата, 52-годишниот професор во периодот меѓу 25 февруари и 2 март сексуално ја вознемирувал ученичката и од неа барал да имаат полови односи. Неофицијално се пренесе информација дека во текот на спроведувањето на истрагата, повикани се и неколку поранешни ученички.
Кривичниот законик го определува половото вознемирување во членот 190-а (1) „Тој што со вербално, невербално или физичко дејство, како и преку користење електронски средства за комуникација кое имаат директно или индиректно, реално или симболично значење на наведување, непристојна понуда, намамување, изразување сексуална страст или друго дејство кое јасно потсетува на сексуален однос или други со него изедначени сексуални дејства, и со тоа ќе го повреди неговото достоинство, предизвикувајќи чувство на непријатност, навреденост, понижување или страв, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. (2) Тој што ќе го стори делото од ставот (1) на овој член спрема лице што му е подредено или спрема него се наоѓа во однос на зависност, друго лице на работа или на јавно место или лице што е ранливо поради возраст, болест, попреченост, зависност од дроги, бременост или тешки телесни или душевни пречки ќе се казни со казна затвор од шест месеци до три години“.
Изминатите два дена некои од коментарите се однесуваат на неопределувањето на притвор, па се оди до таму дека професорот е заштитен од владејачката партија и поради тоа дека е еден од авторите на делата од проектот „Скопје 2014“
Меѓутоа, како што објаснуваат од Обвинителството мора да ги цени реалните околности. „Притворот се определува врз основа на строго определени законски основи“, додаваат од ЈОРМ.
Случајот со скопското уметничко училиште не е прв ваков случај. Во Штип на средношколски професор му беше изречена затворска казна во траење од пет години и беше внесен во Регистарот на педофили . Беше осуден за делото: „Обљуба со злоупотреба на положбата“. Покрај професорот, во регистарот од Штип се и 10 други имиња, кои издржале казна затвор главно за дела врзани за полов напад, вознемирување на малолетници, а две девојки се осудени за подведување на малолетници.
Фото: Фрипик




