Неделава Штип со тренд на раст на загаденоста на воздухот

Штип бележи раст на загадувањето на амбиенталниот воздух во последните неколку денови. Состојбата најлоша беше вчера, кога мерната станица на Лабораторија за животна и работна средина АМБИКОН при штипскиот универзитет, измери просечна 24-часовна вредност од 95,2 µg/m³, што е над дозволените граници.

Последен пат Штип добар квалитет на воздухот имал на 12 декември, кога се измерени просечни дневни вредности од 40,1 µg/m³, а од 13-ти до денес има тренд на раст, така што на 13-ти вредноста била 63,7 µg/m³, на 14-ти декември 84 µg/m³, на 15-ти декември 86 µg/m³, на 17-ти декември 87,7 µg/m³, за вчера да достигне 95,2 µg/m³.

На ниво на државата, најлоша е загаденоста во Струмица. Таму денеска iQAir измери 137,8 µg/m³ на мерното место „Пиринска“. Скопје е исто така со лош амбиентален воздух. Таму iQAir на мерно место во Тафталиџе измери 184 µg/m³, што влегува во категоријата „многу нездраво“.

Денеска Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 µg/m³ во текот на два последователни денови) е надминат на мерните места во Скопје – Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат.

Прагот на алармирање е дефиниран во Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели (Службен весник на Република Македонија бр. 183 од 14.12.2017 година).

Согласно настанатата состојба за мерните места во Скопје – Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат важат следните мерки:

•Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-Интегрирана еколошка дозвола

•Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на инсталациите со Б-Интегрирани еколошки дозволи и Елаборати

•Инсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап на измерените податоци

•Да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила

•Да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата

•Забрана на горење на отворено

•Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар

•Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот

•Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ