Доктор Маринко Наумов е лекар во кочанската Општа болница со проширена дејност, а ноќта на ужасната трагедија не бил на смена во болницата.
Пожарот кој настанал негде после 02:20 часот за само неколку минути направил огромен наплив на пповредени, загинати и нивни блиски во болницата. Проценките се дека за многу кратко време болничката зграда се исполнила со преку 600 луѓе.
Колегите на д-р Наумов, кои биле на смена го побарале телефонски и му кажале што се случува, по што тој веднаш се упатил кон болницата, која се наоѓа на 10-ина минути возење од неговиот дом.
Глетката која ја согледал била како од најлошиот кошмар. Вели, и денес, година дена по трагедијата, сеќавањата го прогонуваат.
„Не поминува ден, а да не помислам на тоа. Мора да се продолжи, мора да се продолжи, мора да се продолжи…А тие се враќаат.“ – се сеќава младиот лекар.
Болницата била преполна со луѓе кои врескаат и плачат. Едни од болка, други по загинатите. Насекаде по ходниците имало тела, некои живи, но повредени, некои починати. И уште многу присутни блиски – мајки, татковци, браќа и сестри, другари, другарки и сакани. Сведоци велат дека и на растојание од главната болничка зграда се слушале вресоците и плачењето.
„Се враќаат вресоците, се враќаат сликите, и тој ужасен мирис. Се уште ги гледам каде лежеа, се уште ги паметам како се бореа, се обидуваа да преживеат.“ – вели д-р Наумов.
Тој не може од мислите да ја избрише сликата од моментот кога се обидувал да реанимира девојче.
„Уште го паметам девојчето на кое му давав вештачко дишење, но беше џабе…“ – се потсетува Наумов.
„На ужасот на лицето на сестрите што доаѓаа да помогнат, вресоците на родителите и блиските, плачот на децата кои ги бараа родителите… и тој наплив на тела… Сите тие млади, здрави…“
Д-р Наумов вели дека е многу тешко да се живее со таа вечер во мислите и сеќавањата.
„Го потиснуваш тоа, се обидуваш да продолжиш, да живееш со тоа… А тие спомени се враќаат…“ – вели тој.
Ноќта помеѓу 15-ти и 16-ти март Кочани ја доживеа најголемата катастрофа во својата историја. 63 млади луѓе загинаа во пожарот кој ја зафати дискотеката Пулс. 211 лица беа повредени, од кои 157 тешко повредени.
Пожарот во Кочани е најголемата трагедија во македонската историја.
(К.М.)




