Ние во Македонија имаме девиза „кој ќе умре, тој е крив“ – (Не)Безбедноста при работа е „убиецот“ во градежништвото

Уште еднаш не’ изненади податокот дека работниците гинат на своите работни места. Таму каде одат да работат и за да однесат леб дома. Иако во последната година, тоа го можат се’ помалку и се’ поретко, бидејќи со минималната плата одвај може да се обезбеди вода и по два леба дневно за живот. Лани на работа се изгубени 31 човечки живот. Главно настрадале градежници, кои на градилиштата често работат во облека од дома, а на високо работат без да се заштитат со јажиња од евентуален пад.

По градежништвото, кој е најголем убиец на работниците, втора најопасна професија е земјоделската. Инспекциските служби немаат капацитет, има и случаи кога воопшто не можат да влезат на градилиштата откако ќе загине човек. Најстрашно е што кога ќе се случи несреќа, често вината се префрла на работникот затоа што тој е мртов и не може да се одбрани.

Каде е тука синдикатот? Според претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, жално е тоа што работниците никако да разберат дека преку синдикат можат да добијат и соодветна заштита, затоа што во компаниите со синдикално организирање, синдикалниот претставник дури може да го прекине работниот процес. 

-Од друга страна инспекторите не можат да влезат на овие градилишта каде што се случуваат овие фатални несреќи. А синдикатот не може ни да помисли да влезе таму. Поднесуваме пријави, но најчесто ситуацијата се сведува на статистика од кога ќе се случи некоја повреда или кога ќе се случи некој некој, за жал, загубен живот. Тоа што тоа што нас не’ фрапира е тоа што сите последни случаи вакви со губење на работнички животи, тој што ќе умре тој е крив, затоа што не може да се одбрани на крај. Секогаш се наоѓаат излезни решенија или семејствата се договараат за тоа како надзорот, инвеститорот, изведувачот или сопственикот да не биде виновен, изјави Трендафилов во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

Според него, воопшто или многу малку некој одговарал за смртта на работник на работно место. Како што вели Трендафилов, нивните статистики покажуваат дека немаат одговарано многу. Очекува инспекциските служби да се зајакнат, за да можат да ги посетат сите градилишта.

-И не мора да ги посетуваат. Излезете само во центарот на Скопје и ќе видите колку работници без лична заштитна опрема ви работат. Со облека од дома несоодветна за извршување на работните задачи. Колку луѓе на високо – работат на висина, без оние јажиња со кои задолжително тие мораат да се врзуваат? Одат по скалињата необезбедени од едната и од другата страна, кажа претседателот на ССМ. 

Градежниците не се единствените. Работниците од трудоинтензивните дејности работат многу тешки работни задачи за многу ниски ниски плати за да го прехранат своето своето семејство.

Трендафилов го истакнува фактот дека само малку приватни компании имаат синдикат. Синдикалното организирање е помеѓу 5 и 6% во овие компании, а само Сојузот на синдикати на Македонија има синдикални организации кај работодавачи во приватниот сектор. Ако во вкупната држава се борат еден на 10 работници за колективен договор, безбедност и здравје при работа, зголемување на плати, во приватниот сектор се бори 0,5 работници за нешто да се промени во општеството.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ