Иван Величков е роден 1998 година, а меѓу кочанчани е познат како урбано момче, најмногу препознатлив по својата работа како келнер низ кочанските локали. Една од жртвите е на трагедијата во Пулс.
На 17-ти мај годинава, два месеци по катастрофата, неговите другари и колеги организираа хуманитарна трка на келнери со мото „За хероите што ја оставија душата меѓу масите“, на која беа собрани средства кои потоа беа донирани на настраданите од пожарот.
Неговата мајка Александра секојдневно се сеќава на Иван:
„Никогаш нема да престанам да те барам во секој нов ден.
Тивко влегувам во твојата соба, како да ќе те најдам како лежиш, насмеан. Но, нема ништо освен тишина и мирисот на сеќавањата.
Прерано си замина, синко. Премногу соништа, премногу планови останаа недоречени. Срцето ми пука од прашања кои немаат одговори и од болка која не знае да ја носи. Велат времето лечи сè – но времето само го учи човекот како да живее со празнина.
Твојата облека е сè уште таму. Слики од тебе. Твојот глас одекнува во мојот ум – тој топол, насмеан глас кој беше мојот лек за сè. И понекогаш, во темнината на ноќта, те почувствувам како да ми ги бришеш солзите. Тоа е како да речеш: „Мамо, не плачи. „Јас сум сосема добро. ’
Не знам како да продолжам понатаму, ама одам. Поради тебе и сум толку цврста бидејки и ти беше цврст и храбар.Те носам во секој ден, во секој чекор, во секој здив. Затоа што сум твоја мајка – никој никогаш нема да може да ми го одземе тоа.
И еден ден, кога повторно ќе се сретнеме, долго ќе разговараме за сите работи до кои не стигнавме. За љубовта која никогаш нема да заврши синко мој.“ – напиша во една од објавите Александра.






