Министерството за здравство го разреши директорот на Клиниката на неврологија, Игор Кузмановски, откако на Х беше споделено видео на кое се гледа како меша прашкаста материја.
„Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример. Секој човек во животот се соочил со слабости, предизвици и грешки“, соопшти д-р Кузмановски по разрешувањето и најави дека останува доктор во служба на пациентите.
– Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено, соопшти Министерството за здравство во краткото известување до медиумите.
Јавноста беше изненадена од постапката од видеото на кое се гледа како директорот на клиниката Кузмановски седнат на маса меша прашкаста материја во чинија со зборови кои асоцираат на кокаин и објаснува на соговорникот, кој снима.
– Ако е малце измешано одма ти го враќам, ќе ги фрлам, јас не можам со спидо и амфетамини да шмркам бело, само ако не е добро. Сакаш да го пробаш и да кажеш дали е добро? – се слуша како Кузмановски му се обраќа на соговорникот во видеото.





