Директорката на кочанската Општа болница со проширена дејност, д-р Катарина Паниќ, денеска на новинарско прашање за тоа дали е во функција хипербаричната капсула, за која сеуште има реакции во јавноста дека не се употребува, негираше дека капсулата е вон функција:
„Хипербаричната капсула никогаш не била вон функција. Како што еднаш изјавив претходно, во демант на една изјава која што беше дадена во јавноста. Едно лице кога е на менаџерска функција, не може да си дава за право да одредува кои пациенти ќе влегуваат во хипербарната капсула. Секако, постојат специјалисти од соодветните дејности, кои што треба да ги насочат пациентите.“ – изјави Паниќ.
Во однос на повредените од трагедијата во Пулс, Паниќ вели дека самите не сакале да ја користат капсулата заради клаустрофобичност:
„Ако се работи за повредените од пожарот во дискотеката Пулс, тие ги обавуваат третманите во хипербарна капсула во Штип и во „Осми Септември“, каде што сега скоро е донесена. Тука капсулата им беше понудена, не сакаа да ја употребат заради клаустрофобија и заради панични напади. Во однос на сите други специјалности, каде што може да се користи во терапевтски услуги хипербарната капсула, си постојат соодветни педијатри, невролози, кои што треба да дадат индикација, имаме две лица кои што се обучуваа во Мадрид. Стручниот колегиум ги знае и кажано им е дека слободно да упатуваат и да користат. Ќе биде пренесена во новите простории на Физикална медицина. Од мене не било никогаш опструирано, ниту ставено вон употреба нешто.“ – подвлекува таа.

На 16 октомври 2025 во телефонска изјава за Канал 77, министерот за здравство, Азир Алиу, изјави дека хипербаричната капсула во Кочани не е во функција:
„Информацијата која што ја имам јас од болницата е дека комората не е ставена во функција бидејќи е мала и несоодветна за тој тип на третмани таму. Како и да е, повредените од Кочани се третирани во Скопје“ – посочи во кратка телефонска изјава тогаш министерот Алиу.
Истиот ден по неколку часови Министерството за здравство испрати соопштение во кое посочи дека, сепак, капсулата е во функција:
„Станува збор за хипербарна капсула (добиена со донација од Зегин) и завршена е едукацијата на доктор специјалист по физикална медицина и физиотерапевт од ОБ Кочани. Има разлика меѓу капсула и комора, понизок е притисокот на кислородот во капсулата, во однос на хипербарна комора. Нема административни пречки и капсулата е веќе ставена во употреба и понудена им е на повредените од пожарот, доколку има препорака од пулмолог има можност да ја користат овие лица.“ – соопштија тогаш од министерството.

Спротивно тврдење на болницата и министерството имаат од Support Kocani, кои го испреговараа донирањето на капсулата:
„Комората никогаш не била пуштена во функција. Ние бевме тука да ја покренеме иницијативата, да обезбедиме што можеме, ги најдовме луѓето, помогнавме во логистиката, ја информиравме јавноста, ама ништо. Доаѓаа тоа време експерти од Полска и кажуваа дека користењето на хипербаричната комора е најдобриот начин за да се среди оваа проблематика кај децата. Меѓутоа заради тоа што се’ уште не функционираше тука, сите одеа во Штип, бидејќи таму има хипербарична комора и таму го вршеа тој процес.“ – вели Томи Димитријев од Support Kocani.
Сеуште не е до крај јасно дали е во функција или не хипербаричната капсула. Уште во октомври беше најавено дека таа набргу ќе биде префрлена во одделението за физикална медицина во кочанската болница, но денеска се потврди дека сеуште не е поставена таму со најавата дека набргу ќе биде префрлена во одделението.
Во меѓувреме опаѓа бројот на пациенти од пожарот во Пулс кои имаат потреба од третмани со хипербарична капсула, а според нивните кажувања, сите пациенти кои користеле лекување со хипербарична капсула, тоа го правеле во приватна установа во Штип, во штипската Клиничка болница и во Скопје.




