ExYu
Fresh
Cafe
Radio EastGate Mall
Play button

Зголемена локална транспарентност

Паркингот во Тетово – луксуз од 80 000 денари

today28/12/2018 38

Background

Зонското паркирање не го реши сообраќајниот хаос во Тетово, туку дополнително го комплицира проблемот на  граѓаните кои живеат на главните булевари „Илирија“ и „Илинденска“. Цената на месечниот билет за паркирање е фантастични 8000 денари. И додека граѓаните бараат паркинзи зад зградите во кои живеат, од општината велат дека зонското паркирање е успешен проект.

Зонското паркирање во Тетово ги преполни тесните улички и ќорсокаците со паркирани возила. Тетовци се жалат дека и покрај воведување на зонско паркирање паркинг слободни места нема ни за лек.

Секој паркира каде што ќе стигне.Неможе истите правила да важат за оние кои доаѓаат на кратко во градот и за оние кои тука живеат.Јас живеам на ова место од 1981- та! 
Станар во зграда во центарот на Тетово

„Гледате и сами дека е хаос велат тие ,општината не обезбедува доволно паркинг простор а ако се паркираш погрешно казната ти стасува веднаш„ велат тетовчани.

За планот на Општина Тетово за 2016 година за изградба на затворени блоковски паркинг површини нема ниту најава.

Најзасегнати граѓаните кои живеат на фрекфентните улици
На булеварот „Маршал Тито“ ( „Илирија“) во Тетово  сообраќајот се одвива на половина од коловозната лента поради паркираните комби такси превозници со што метежот во сообраќајот на главниот булевар во Тетово е уште поголем, а тоа претставува и проблем за станарите на оваа улица, кои поради немање на соодветен паркинг простор се снаоѓаат како знаат и умеат со сопствените возила.

Паркинг простор нема, а цената за да се резервира место изнесува 8000 ден месечно или 80.000 денари годишно. Тоа е сума која за разлика од другите градови во Македонија е далеку повисока. Само за пример, цена за да се паркира возило во Штип месечно изнесува 1000 денари.

Станар на влез бр.106 на булеварот „Илирија“ во Тетово раскажува дека мака мачат со паркирањето, а не вродиле со плод ни протестите кои ги организираа овие станари од целиот блок на згради на овој булевар во средината на декември 2015 година.

Со плод не вроди ниту петицијата до градоначалничката Теута Арифи од каде им било одговорено дека Зоната А поточно бул. „Илирија“ и бул. „Илинденска“ се јавни паркинзи и не постојат повластени паркинг билети туку само резервирани паркинг места и дека општина Тетово во својата програма за 2016 год.има предвидено на двете страни на булеварот да се изградат затворени блоковски паркинг површини“.

Во услови на ограничени финансиски можности сметам дека јавниот превоз е најдобро решение.
Валентин Тасевски, градежниот инжинер

Но и во 2017 година нема дури ни проектни најави за вакво нешто.

Станарот од влез број 106 вели дека решенито го гледа во дислокација на комби превозниците на друго место, а тие места да можат да ги користат станарите од целиот блок на згради, или пак во изградба на катни монтажни паркиралишта како што е примерот  со град Скопје. Но, негативен бил одговорот и на ова барање.

И жител од зградата број 112 на истиот булевар „Андонис Спиридис“ вели паркинг места нема.

-Нема ни повластени цени за овие жители, но сепак и да ја платиме повластената сума на пари сепак немаме  гаранција дека пак за нашите автомобили ќе има редовен паркинг простор. Секој паркира каде што ќе стигне. Неможе истите правила да важат за оние кои доаѓаат на кратко во градот и за оние кои тука живеат. Јас живеам на ова место од 1981- та, вели овој станар.

Неговите соседи се жалат на високата цена за паркирање.

Ни велеа дека може да се паркираме на улицата како и секој друг сопственик на возило, односно да плаќаме по 30 денари од час паркирање или месечно да плаќаме без никаков попуст над 8.000 денари. Тоа се многу пари во овие времиња, затоа се снаоѓаме како умееме, велат и останатите станари кои живат наспроти Зелениот пазар во Тетово.

Граѓаните барале  да им се направи паркинг позади зградите, таму каде има простор, но и тоа не можело да го реализира бидејќи постоеле имотно-правни проблеми со земјиштето.

ЈП за Паркинг простор: Проектот успешно се одвива
Од ЈП за Паркинг простор при Општина Тетово сметаат дека проектот успешно се одвива и дека по спроведување на овој проект протокот на сообраќај низ Тетово полесно се одвива.

-Паркирањето во градот е поделено на две зони, А зона, Б зона. Во А зоната, во која меѓу другите се наоѓа и булеварот Илирија, а Б зоната опфаќа неколку споредни улици, вели Фејсел Беадини, директор на ЈП за Паркинг простор на Општина Тетово.

Инаку, цената за еден час паркинг во А зоната е 30 денари, а во Б зона 20 денари од час. Повластената карта за паркинг изнесува 250 денари месечно односно 150 денари на затворените паркинзи.

Маркинг место за 8000 ден месечно или годишно со „повластена“ цена од 80 000 ден
Од Јавно претпријатие за Паркинг простор велат дека ваквите одлуки ги носи  Советот на Општина Тетово.

-Советот одлучува, а ние само ја спроведуваме нивната одлука. Овие граѓани треба да поднесат барање до Советот. Ако им се усвои барањето, ние ќе го спроведеме,вели Беадини.

Беадини ја потенцира одличната соработка со Отсекот за сообраќај при СВР Тетово и дека работат со блокатори и со специјални возила односно пајак служба за подигање на погршно паркираните возила.

Со оглед на тоа дека во најава беа проекти за изградба на катни гаражи кои би го решиле овој проблем,  Беадини вели дека тие функционираат само една година и дека во зависност на нивната финансиска можност тие ќе одговорат на тие прашања.

Во службениот гласник на општина Тетово 23/2015, јасно се напишани цените за резервирање на паркинг место по месечна цена од 8000 ден или годишно со „повластена“ цена од 80 000 ден.Од службите во општина велат дека за А зона не се направени измени и повластувања затоа што нема официјална граѓанска иницијатива до Советот на општината.

Спасот е во јавен превоз

Експертите решението со паркинг просторот во Тетово го гледаат во регулирање на дотокот на возила кој доаѓа од руралните средини . Градежниот инжинер Валентин Тасевски тврди дека зонското паркирање никаде не ги решава проблемите односно уште повеќе ги влошува проблемите на граѓаните, а најмногу на оние кои живеат на најфрекфентните улици.

-Овие возила треба да се регулираат уште на влез во градот и таму да се допрат , а својот пат понатаму во градот да го продолжат со организиран јавен превоз со цени достапни за сите.Во услови на ограничени финансиски можности сметам дека ова е најдобро решение, вели градежниот инжинер Валентин Тасевски.

Сепак и во услови на недоволен број на паркинг места а ги има вкупно во двете зони 633, ЈП за Паркинг простор Тетово продолжува со санкционирање на непрописно паркираните возила па така во 2016 година со блокатори се санкционирани вкупно 4821 возило а со пајак службата подигнати се 2192 возила.

Инаку за една година од работењето ова претпријатие остварило приход од 22 милиони 772 илјади денари, а за идната година планира да оствари приход од 37 милони 475 илјади денари.

Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат  мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија. 

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%