„Па што ако е Албанка!“ – Како љубовта меѓу Александар и Линдита ги победи сите предрасуди

Големата, но забранета љубов меѓу Ромео и Јулија, за жал, завршила трагично. Но, во Македонија, за среќа, големата забранета љубов меѓу Александар Јовановски, доктор и градоначалник и Линдита Јовановска, професорка по англиски и судски преведувач, од Кичево се крунисала со брак. Нашите Ромео и Јулија по сите препреки и забрани, денес, привремено додека си ја направат куќата, живеат во кичевското село Кнежино со нивните три дечиња Јана, Живко и Дафина.

Овие две вљубни души ги посетивме два дена по завршување на локалните избори, кога Александар беше избран за градоначалник. За време на кампањата Линдита или Линчи, како што ја нарекуваат кичевчани, му даде поддршка на сопругот, а по победата, за време на прославата таа се појави нагрната со албанско и македонско знаме, симболизирајќи соживот.

А што да се каже освен дека љубовта нема граници и дека кога се сака се се може. Се избориле за среќа и денес ја слават и ја живеат својата љубов.

Но, не било секогаш така, за да дојдат до овде Александар и Линчи поминале низ многу предизвици и предрасуди. Уште од самото запознавање.

-Јас не ја познавав. Работев како професор во  средното училиште  „Мирко Милески“ и имавме истурени паралелки во одалечена зграда од школото, таму работев како професор и сменоводител. По некоја работа дојдов во гимназијата и седејќи со колегите случајно ја здогледав. Таа влезе на врата и јас останав  онемен. Си реков што е ова чудо, како пеперутка беше. Ги прашав колегите кое е девојчево, а тие веднаш ми рекоа- Албанка е! Реков- па што ако е Албанка. Кажите ми која е, од кого е. Мајка и во школото беше професор по хемија и ја познавав добро. Потоа се обидов да стапам во контакт со неа и останатото е историја, вели Александар и додава:

-Да, тешко беше да се освои. Прво беше тешко да се срушат социјалните бариери, барем едно кафе пиење. Тоа е природен процес.  Запознавање, па вљубување. Ние околу три години бевме во врска, која за жал беше забранета. Некогаш се криевме, некогаш па и не.  Луѓето сватија дека ние навистина се сакаме и дека што и да се случи ние ќе останеме заедно. Нормално,  тоа го крунисавме со брак, кој подоцна го прифатија и нејзините родители, откри Александар.

По неколку години што тајно што јавно гледање природно било да размислуваат за брак и, секако, да пријават дома.

-Јас нема мајка, почината е пред 30 години, на неполни 45 години. Јас и брат ми останавме сираци  кога јас бев прва година на факултет, а тој средношколец.  Се додека не станавме свои луѓе татко ми ни беше и татко и мајка.  Кога му кажав дека имам сериозна врска и дека сакам да се женам, тој ништо не ме праша. А знаеше, Кичево е мало место, се се знае. Татко ми беше педијатар и знаеше што се случува.  Потоа ми рече дека не му е важно од која националност е мојата избраничка, важно е да бидам среќен и тоа подоцна го докажа година и нешто по нашата свадба, бидејќи потоа почина.  Ми се чини повеќе љубов покажа кон неа отколку кон мене, вели Александар.

И додека лесно поминал кај татко му, тешкотија било да се освојат родителите на Линдита.

-Не се  обидувавме да ги освоиме. Таа и мајка и редовно се гледаа на работа, па си почнаа комуникација со кафе.  Но, дојде време Линдита да се породи со првото дете, и јас му се јавив на татко и, му кажав дека добил внука. Искрено ме пречека како син.  Ми рече: Нека ни е жива и здрава внуката. Многу  се израдува, се однесуваше како да сме седела заедно до пред еден саат иако не се имавме видено.  И така продолживме до ден денес. Само ни се продлабочуваат односите и довербата.  А на почетокот имаше лутење, затоа Линдита беше бегалка и се смирија се до оној период додека не увидоа дека нашата љубов не е авантура. Мајка и и татко и кај внучето заминаа веднаш, уште во болница. Јас бев таму и видов дека и честиташе со солзи, со многу емоција. Правевме свадба, но нејзините не дојдоа. Дојдоа само нејзини колешки и на татко ми пријатели Албанци. Мислам дека сета таа реакција не беше поради нив самите, туку повеќе поради притисок на околината. Татко и беше судија, а мајка и професорка, навистина се прекрасни луѓе, ни рече тој.

Александар ни откри дека освен убавината, која била примарна за да се заљуби во неа на прв поглед, го привлекла и нејзината среќна личност, односно тоа што Линчи секогаш се трудела да биде среќна.

-Ме привлече што Линдита е секогаш среќна, весела и искрена, освен убавината нормално.  Линдита е многу среќна  личност и знае во секој момент, колку и да е  нервозна, колку и да е тажен моментот, да ги преврти работите на среќно.  Јас сум малку посериозен ама Линдитаа е баш клучот или бравата што ми недостасуваше во животот. Му благодарам на Бога што не спои, сега сме една целина, откри тој.

Линдита, пак, вели дека она што најмногу ја привлекло кај Александар е неговата искреност. Му верувала уште од почетокот, а така е и до ден денес, меѓусебната доверба ја комплетира нивната љубов.

Но, признава дека не било воопшто лесно на почетокот да се надминат предрасудите и да се изборат за љубовта.

-Почнавме да се допишуваме и да излегуваме. Прво тајно се гледавме иако и тоа ни беше тешко, мал град сите не знаат. Но, упорни бевме и двајцата и решивме дека ќе бидеме заедно и успеавме. Имаме среќен брак со три деца. Кога моите дознаа, веќе беше проширено низ град. Почнаа прво другарки да ми се лутат зошто не сум им кажала дека сум во врска со Македонец.  Се противеа, но видоа дека сум решена и немаше назад. Направивме свадба и од моето семејство никој не дојде, ниту други роднини, не им дозволил татко ми.  Нормално дека ми беше тешко, но јас бев решена,  знаев дека љубовта победува се и дека за љубовта нема граница, рече Линчи и откри:

-Бев бегалка, тоа се случи баш пред Велигден. Му се јавив на татко ми и реков- јас веќе не се враќам дома, заминав кај Александар. И така беше се до раѓањето на првото дете. Ние сме три сестри, едната сестра е мажена за Албанец, другата за Турчин и јас за Македонец.  Ние сме Македонија во мало. Кога дојдов вечерта како бегалка кај татко му на Аледксандар тој ме пречека, ме гушна како да сум негово дете. Беше прекрасен човек. Жал ми е зошто замина прерано, можеше уште да се радува на внуци. Живееме среќно и се почитуваме.  За Божик, Велигден и за нашата куќна слава „Св. Архангел Михаил“  тие доаѓаат кај нас, а за Бајрам сите заедно одиме кај мајка ми и татко ми.  Ги научив сите адети иако верата е исто, нема разлика.  Сите обичаи ми ги покажа тетка му на Александар и јас редовно станувам пред зори да ги вапцам првите три јајца пред Велигден. Тетка му и вујна му на Алексндар и ден денес ми помагаат.  Јас сум по готвењето, сама дома сукам, така да и питата со паричка за Василица сама си ја правам, вели Линчи.

Оваа голема љубов не само што е крунисана со брак, туку и со три ангелчиња- Јана, Живко и Дафина.

 -За сите три деца имињата јас ги дадов. Александар не сакаше да се меша. Кога се роди Јана моја желба беше името. Кога се роди Живко, Александар дури предложи други имиња, но, кога дојдовме од болница дома му реков- а зошто да не го крстиме по името на тато, јас така го викав свекор ми. Тој беше навистина многу добар човек, нема кому во Кичево не му помогнал. И ден денес ми кажуваат луѓе колку се фалел од мене, колку ме сакал. Има една смешка. Тој излегуваше на пазар и му реков да ми купи сукало. Кога се врати од пазар со сукалото Александар почна да му вика- што правиш со тоа сукало! Мислеше дека тој намерно го купил. Тој му рече:„па невестава ми побара“, по што Александар се изнасмеа. Навистина убаво живеевме.  Кога останав бремена со третото  дете му реков на Александар дека ако е девојче ќе го крстиме Дафина, а ако е машко Јон. Тие се интернационални имиња. Ги има секаде. Тој повторно се согласи. Двете деца ги крстивме во црквата во Кичево, а за најмалото  на Александар му се сони сон и го крстевме во црквата „Св. Теодор Тирон“ во битолскоти село Граешница. По 200 години нашето дете е прво дете кое се крстеше таму, ни рече таа.  

Линчи вели дека со љубов, воља и разбирање се се може.  И затоа на сите кои се наоѓаат на љубовен крстопат, односно на сите парови чија љубов е иста како нивната им порача:

-Борете се за љубовта.  Најважно е да се изборите за тоа што самите го сакате, бидејќи љубовта е најважна. Ако нема љубов џабе е се друго, вели Линчи.

И додека го првевме разговорот на Линдита и приоѓаа и Албанци и Македонци за да ја честитаат победата на нејзиниот сопруг.

-Добив многу честитки. Но, додека траеше кампањата имаше лоши коментари и од Албанци и од Македонци. Особено кога ги снимав видеата. А само сакав да му помогнам на сопругот, што е нормално. Не направив ништо лошо. И вечерта на прославата по победата јас  се појавив и со албанско и со македонско знаме. А зошто да не. И тоа е нормално. Тоа сум јас, ни рече Линчи. 

Весна Миленковска

Фото: Вангел Тануровски 

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ