По седумдневните протести во албанскиот главен град Тирана и некои други градови низ државата против изградбата на луксузното одморалиште на островот Сазан, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, најави повлекување на проектот. Според весникот „Журнал“, кој се повикува на извори блиски до проектот, одлуката е донесена, средствата ќе бидат пренасочени кон грчкиот остров Миконос.
„Грчките власти понудиле посебни услови и привлечни стимулации за странските инвеститори, што го прави Миконос многу поповолна дестинација во споредба со Сазан, објави „Журнал“.
Претходно Европската комисија ја предупреди Албанија против дејствија што би можеле да влијаат на нејзиниот пат кон пристапување кон ЕУ, во услови на тековни национални протести поради проект за развој поврзан со Кушнер на јужниот брег на земјата.
Протести траат веќе една недела. Албанците побараа откажување на проектот со луксузното одморалиште, тврдејќи дека проектот се заканува на заштитено подрачје за диви животни, дом на фламинга, фоки и места за гнездење желки.
Комисијата предупредува дека проектот би можел да ја стави Албанија во судир со еколошките правила на ЕУ, загрозувајќи ја нејзината способност да го затвори зеленото Поглавје 27 во преговорите за пристапување.
На почетокот на месецов, албанските обвинители за антикорупција ги замрзнаа банкарските сметки на компанија за продажба на земјиштето каде е планиран проектот на Кушнер, вреден 4 милијарди долари.





