Од 27 до 30 ноември 2025 година главниот град ќе го обедини технолошкиот и стартап светот на едно место. Во Скопје ќе се одржи првото издание на Startup Revolution Summit.ai, четиридневен регионален собир што најавува сосема нов формат на иновациска сцена во земјава.
Настанот, организиран од Стартап Клуб Скопје, ќе донесе повеќе од илјада учесници од различни држави – основачи на стартапи, инвеститори, научници, студенти, фриленсери и љубители на вештачката интелигенција.
Отворањето, главните говори и панел дискусиите ќе се одржат во салата на Филхармонијата, додека завршните презентации, инвеститорските сесии и големото финале ќе се преселат во просториите на Македонската опера и балет. Двата објекта, сместени во самиот центар на градот, ќе ја носат улогата на главни пунктови на иновациската енергија што ја најавува самитот.
Најавени се гостински говорници од европски и светски технолошки хабови, тематски работилници, состаноци со инвеститори и бројни можности за вмрежување. Организаторите ветуваат и содржини кои ќе ја доловат динамиката на новата технолошка ера што ја предводи вештачката интелигенција.
Од подкаст до регионален настан
Самитот претставува следен чекор во развојот на платформата која започна со популарниот подкаст „Стартап Револуција“, создаден од истиот тим. Од медиум кој ја раскажува стартап сцената, иницијативата прерасна во широка заедница која сега кулминира со најголемиот собир за стартапи и AI во земјава.
Организаторите порачуваат дека овој настан не е ограничен само за основачи и експерти. Добредојдени се сите кои сакаат да се вклучат во темпото на глобалната дигитална трансформација – од млади иноватори и програмери до оние кои едноставно сакаат да го следат развојот на новата AI реалност.
Паралелно со самитот е објавен и јавен повик за мапирање на регионалната заедница што работи со вештачка интелигенција. Стартапи, компании, научни центри, индивидуални истражувачи, инвеститори и фриленсери може да се пријават за да бидат дел од интерактивна дигитална мапа и специјален печатен преглед што ќе се промовираат за време на настанот.
Мапата ќе служи како алатка за подобра поврзаност, зајакнување на регионалната соработка и создавање нови партнерства.




