За судот е јасно – измени на мерките за претпазливост за обвинетите кои што ги бараат родителите на загинатите од дискотеката Пулс може да побара јавен обвинител или по предлог на одбраната на обвинетите. Сепак, доколку обвинителството предложи измени на мерките за обвинетите, кривичниот совет на судот ќе ги разгледа и ќе се произнесе за нив.
„Предлог за определување мерки за обезбедување присуство или мерки за претпазливост, или пак замена на постоечка мерка со построга или поблага, може да поднесе Јавниот обвинител, или да предложи одбраната на обвинетиот или осомничениот против кого се однесува мерката. Кривичниот совет по добиен предлог редовно се произнесува и ги известува странките. Согласно последните решенија мерките притвор, куќен притвор и мерките за претпазливост, претходно определени од Судот во Кочани и потврдени или изменети од Апелационот суд во Штип беа продолжени од Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје.“ – стои во одговорот од Основниот кривичен суд Скопје до Канал 77.

Се обративме и до јавното обвинителство за тоа кој е нивниот став за барањата на родителите и дали ќе предложат измени на мерките како што се бара во предлог Барањето на здружението кое ги застапува семејствата на загинатите, но од таму ни дадоа поинаков одговор.
За обвинителството нема ништо спорно во средбата на Ратко Димитровски со Владко Грозданов, бидејќи ќерката на Грозданов, која има тешки телесни повреди од трагедијата во Пулс, Надалина Грозданова, е полнолетна и нејзе не и треба застапник, па со самото тоа Грозданов може да се среќава со кого сака.
„Во однос на првиот настан, наведеното лице не е сведок во постапката пред обвинителството. Истиот е родител на повредена која е полнолетна и нема потреба од законски застапник.“ велат од обвинителството за Канал 77.
Родителите, пак, цитираа поинаква мерка, која го опфаќа и Грозданов како семејство на Надалина Грозданова:
„Обвинетиот Ратко Димитровски има забрана за приближување или воспоставување, односно одржување на контакти или врски со лица кои се јавуваат во својство на оштетени во кривично-правниот предмет, но и со членови на нивното семејство“ – стои во цитирањето на мерката за претпазливост од страна на родителите, што се коси со ставот на обвинителството.

Според Обвинителството цитираната мерка од страна на родителите не е онаа од Решението за определување на мерки за претпазливост и самото Решение не ги опфаќа членовите на семејството на повредените кои се полнолетни.
Исто така, наведуваат дека мерките за претпазливост Кривичниот суд може да ги промени по службена должност доколку добие информација дека се прекршени.
„По однос на барањето за замена на мерките за обезбедување во однос на еден осомничен, согласно член 144 став 3 од Законот за кривична постапка, Судот по службена должност ги укинува кога ќе престанат законските услови за определување на мерките или ги заменува со друга мерка кога ќе настапат услови за тоа.“ велат од обвинителството.
Цитираниот член од страна на обвинителството гласи:
(3) Овие мерки ќе се укинат по службена должност
кога ќе престанат законските услови за определување
на мерките или ќе се заменат со друга мерка кога ќе на-
стапат услови за тоа.
Родителите реагираат дека повеќе од 20 дена од пријавата за Ратко Димитровски и 10 дена од пријавата за Николчо Гоцев, Обвинителството сеуште им нема формално одговорено на родителите за својот став, а според извори надлежниот обвинител посочил дека барањата за предметот сеуште не се разгледани.
За 7 дена започнува судењето за пожарот во Пулс – најголемата трагедија во македонската историја, во која животот го загубија 63 лица, а 211 беа повредени, од кои 147 со тешки телесни повреди.

(К.М.)




