Родителите на загинатите од Пулс бараат поддршка на протестот во Скопје на 15 ноември

Со скршени гласови и болка во своите обраќања, родителите на младите кои ги загубија животите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ најавија голем граѓански марш што ќе се одржи во Скопје на 15 ноември, точно во 12:05 часот. Настанот е планиран само четири дена пред да започне првото рочиште во судскиот процес за случајот, закажано за 19 ноември.

Маршот ќе тргне од Плоштад Македонија, ќе се упати кон зградата на Собранието и ќе заврши пред Основниот кривичен суд. Токму таму, родителите ќе побараат јасна и конкретна реакција од институциите и, како што велат, правда која премногу долго се одложува.

Во својата порака до јавноста тие нагласија дека „иако болката ја носат сами, битката мора да ја водат заедно со народот“. Потсетија дека нивното прво доаѓање во главниот град било обид да се слушне нивниот глас, но тогаш марширале сами додека градот молчел. Сега, апелираат граѓаните масовно да се приклучат – без политички влијанија, без посредници и без обиди за манипулација.

„Болката е наша, но борбата мора да биде заедничка. Нашето прво доаѓање во Скопје беше крик за видливост. Тогаш марширававме сами, додека градот молчеше. Сега ве повикуваме сите да дојдете — без посредници, без лаги, без манипулации. Ние сме родителите на ангелите и за нас единствено што остана е борбата за правда“ – велат родителите.

Родителите истакнуваат дека во последните месеци организирале десетици протести во Кочани, но тоа, велат, не било доволно за да ги поттикне институциите да реагираат. „„Свесни сме дека патот до вистината ќе биде долг и тежок, исполнет со отпор и искривени намери. Но ако застанеме еден до друг, системот нема да има друг избор освен да постапи онака како што бара народот. Веруваме дека Македонија има совест, дека знае да се сплоти кога најмногу боли“ додаваат тие.

Како што подвлекуваат, најавениот марш не е политички чин, туку „апел до совеста“ и симболичен отпор против неправдата што ја чувствуваат веќе 7 месеци.

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ