Семејствата на загинатите од пожарот во дискотеката Пулс бараат дополнителна токсиколошка анализа, откако ИРЛ објави сторија во која се вели дека според обдукциските наоди на жртвите, ниту една од 50-те жртви од пожарот во кочанскиот див ноќен клуб „Пулс“, кај кои како причина за смрт е утврдено задушување со јаглерод моноксид, немале ни приближно фатални нивоа за да умрат од тоа.
„Разликата меѓу јаглерод моноксид (CO) и водороден цијанид (HCN) е клучна за утврдување на вистината за пожарот. CO е чест резултат на горење, но HCN се создава при горење пластика, сунѓери, изолации и синтетика — материјали што ги има во секоја дискотека и кои се исклучително смртоносни. Во обдукциските наоди е наведен CO, додека вештачењата од Градежниот и Машинскиот/Математичкиот факултет утврдуваат присуство на HCN. Ова создава сериозен и оправдан сомнеж дека анализите не се комплетни или дека не се презентирани сите релевантни податоци. HCN директно укажува на опасни и несоодветни материјали во објектот, прекршени стандарди и можни системски пропусти. Тоа е од суштинско значење за утврдување на одговорноста.
Го бараме следното:
• независна дополнителна токсиколошка анализа,
• јавно објаснување зошто HCN не е наведен во обдукциите,
• усогласување и споредба на медицинските наоди со факултетските вештачења.
Ова не е техничко прашање.
Ова не е статистика.
Ова се 63 прекинати животи.
Ова е прашање на точност, професионалност и институционална одговорност.“ – стои во соопштението од родителите.
Сторијата на ИРЛ вели дека според обдукциските наоди, хемиското и градежното вештачење, како и новата линија на сведоштва на вклучените во настаните ноќта на 16 март годинава покажува дека во воздухот во клубот „Пулс“ гореле токсични материјали како што е полиуретански сунѓер, кој кога гори испушта водороден цијанид. Обвинителите и вештаците по судска медицина го знаеле ова, но за време на истрагата не гo испитале присуствoтo на цијанид.





