Потресни детали за кобната ноќ во дискотеката „Пулс“ во Кочани излегоа на виделина за време на денешното рочиште од судската постапка за пожарот во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени. Преживеаниот Петар Марковски пред судот опиша сцени на целосен хаос, но и сериозни нерегуларности во работењето на локалот, кои, според неговото сведочење, биле познати и практикувани подолго време.
Марковски раскажа дека во моментот кога избувнал пожарот настанала паника, а луѓето почнале неконтролирано да бегаат кон излезите. Во турканицата паднал на подот и ја изгубил свеста. Кога се освестил, сфатил дека се наоѓа заробен под три онесвестени тела, без можност да се помрдне.
„Врз мене имаше тројца онесвестени лица, пробав да ги разбудам, не успеав, јас бев заглавен под нив. Морав да ги соблечам патиките за да станам“ – сведочеше Марковски, опишувајќи ја борбата за живот во густ чад и темнина.
„На отпусното писмо пишува дека 100% ми биле црни белите дробови, ми биле изгорени дишните патишта. И денеска чувствувам последици, намален капацитет на дишење“, посочи Марковски.
Освен драматичниот опис на преживувањето, неговото сведочење ја отвори и темата за начинот на кој функционирал клубот. Тој изјави дека влезниците за настаните биле наплаќани без издавање фискални сметки, при што продажбата ја вршел братот на сопственикот Дејан Јованов, Тодор. Според Марковски, ваквата практика била вообичаена и не претставувала исклучок таа вечер.
Дополнително, сведокот посочи дека во „Пулс“ редовно престојувале малолетни лица, иако тоа е спротивно на законот. Како што изјави, слушнал дека постои и таен излез кој се користел исклучиво во ситуации кога имало полициски контроли, преку кој малолетниците биле извлекувани од објектот за да не бидат евидентирани.
Овие наводи се вклопуваат во пошироката слика што ја гради обвинителството — дека дискотеката работела надвор од законските прописи, со преголем број посетители, без соодветна контрола, без фискална дисциплина и без основни безбедносни стандарди.
Сведочењето на Марковски беше проследено со тишина во судницата, а за семејствата на загинатите претставува уште еден болен потсетник на трагедијата, која покажува низа системски пропусти и неодговорно работење.
Судењето продолжува со сослушување на други сведоци, а јавноста внимателно ги следи исказите кои постепено ја откриваат целата позадина на една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија.
(К.М.)






