На Меѓународниот аеродром во Скопје е забележан технички проблем со една од радарските глави, но од М-НАВ уверуваат дека тоа не претставува никаква закана за безбедноста на авионскиот сообраќај.
Според директорот на М-НАВ и претседател на Управниот одбор, Владимир Ристески, компанијата веднаш стапила во директна комуникација со производителот на опремата. Овозможен е онлајн пристап за да се изврши детална дијагностика, како и да се добијат насоки и поддршка за надминување на проблемот. Паралелно со тоа, вклучени се и домашните стручни екипи за што поскоро враќање во функција на радарската станица „Алениа – Бањски Рид“.
Ристески појаснува дека системот располага со три радарски позиции – една во близина на Охридскиот аеродром и две кај Скопје. Од нив, една скопска локација во моментов е во дефект, но се преземаат мерки за негово брзо санирање.
„Во авијацијата вакви електронски дефекти се честа појава. За вакви ситуации постојат воспоставени безбедносни протоколи, со кои се овозможува непречено продолжување на сообраќајот. Сите тие мерки се целосно активирани, па патниците и авиокомпаниите немаат никакви ризици,“ изјави Ристески.
Како единствена промена, тој напомена дека е воведена регулација на бројот на летови кои можат да се извршат во текот на еден час, мерка што ќе остане на сила додека трае санацијата.
Неколку медиуми претходно информираа дека еден од радарите на скопскиот аеродром е исклучен од употреба.






