Скапите дозволи и давачки ги гаснат медиумите – ТВМ Охрид се враќа на локално ниво, а ТВ Сонце згасна

Во само една недела, две телевизии останаа без дозвола за работа. Минатата недела надлежната Агенција за аудио и аудио визуелни медиумски услуги (АВМУ) донесе Решение за бришење од регистарот на радиодифузери на ТРД ТВ М од Охрид по барање на телевизијата. Овој познат охридски медиум, кој е меѓу првите што започна со работа по осамостојувањето на државата, ќе продолжи да работи, ама како локална телевизија, откако самиот ја врати регионалната дозвола.

Вчера пак, од Регистарот е избришана ТВ Сонце  од Прилеп, како што пишува во одлуката на Советот на АВМУ „поради неисполнување на минималните кадровски услови утврдени со Правилникот и поради престанок на емитување на програмскиот сервис подолг од 30 дена“. Оваа телевизија близу два месеци не емитуваше програма, за што јавноста разбра откако Јанко Илковски, авторот на емисијата „Јади бурек“ објави дека си ја земал сопствената студиска опрема откако бил информиран дека емисијата повеќе нема да се емитува.

ТВ Сонце е една од 17-те телевизии, која во изминатите пет години престанале да емитуваат програма. Скапите дозволи за работа за што треба да се издвои значаен износ од скромниот медиумски колач е една, но не и единствена причина за затворањето на медиумите.  

Дозволите што ги издава АВМУ се со различни износи во зависност од тоа дали медиумот е локален, регионален или национален, но за сите важи дека цената на дозволите е врзана со Бруто домашниот производ (БДП) по глава на жител и тие износи растат како што расте БДП. Медиумите со години бараат да се направи поинаква формула, која нема да биде врзана за БДП, а со тоа да плаќаат големи износи во време на неповолни бизнис прилики за медиумите. Но, слух нема. АВМУ близу една четвртина од приходот (51 милион денари за 2026 година) го планира од медиумите преку дозволите. Намалувањето на радиодифузерите секако не му оди во прилог на АВМУ, бидејќи ќе си ги намалат приходите, а со тоа и средствата за плати, чии месечни износи се определени на висина од три просечни плати (за членовите на Советот на АВМУ и директорот).

Поради тоа, неретко радиодифузерите ги враќаат дозволите или престануваат со работа, па им се одземаат, но остануваат да работат како ИП телевизии на интернет и на социјалните мрежи и така остваруваат приходи и продолжуваат да живеат без да го плаќаат скапиот надоместок.

Од разговорите со неколку сопственици на локални и регионални медиуми – радио и ТВ, искуствата се позитивни и како што велат „од локален медиум станале интернационален“.

„Сега не’ гледаат и нашите во Австралија, САД, Канада, според пораките кои ни стигнуваат“, вели еден сопственик на ИП телевизија.

Во случајот со ТВМ – Охрид, намерите се да се вратат на старо, како локална телевизија како што почнале пред 34 години. Според сопственичката Ирена Арнаудова, давачките значајно пораснале, додека се намалуваат буџетите на огласувачите, особено агенциите и големите фирми.

-Неповолна е финансиската состојба на локалните и регионалните медиуми. Нема слух кај поголемите компании и агенции, ниту кај Владата за го реши овој проблем, при што цели региони остануваат беа медиуми. На ова уште во 2012 година со документ алармираше Европската унија дека треба да се најде начин да се помогнат локалните и регионалните медиуми, кои се од јавен интерес и значење за информирањето на граѓаните. Иако низ годините имаше различни ветувања, јасно е дека на ниедна власт не им одговара да има силни медиуми, изјави Арнаудова.

Оваа охридска телевизија останува да работи, да продуцира вести и други програми и да ги информира граѓаните, но ќе го бара поисплатливиот начин да работи.

Фактот дека само во период од пет години се затворени 17 телевизии и дваесетина радија, доволно зборува за економскиот притисок, а понекогаш и во друга форма, што ги принудува медиумите да затворат или да преминат во „слободниот простор на интернетот“, каде нема закани од глоби и казни поради прекршувања на законот, ниту плаќање на скапите дозволи и други давачки.

В.К.

Фото: Unsplash

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ