Дино Мерлин, Петар Грашо, Северина, но и Роџер Санчез се само неколкуте звучни имиња на странски изведувачи кои на покана на градоначалниците на неколку македонски општини со општински буџет се платени за да настапат на културно забавните манифестации.
Штипска Пастрмалијада, Самун ем Татлија во Радовиш, Питијада во Велес, Тиквешки гроздобер во Кавадарци, Пиво фест во Прилеп, културно лето во Кисела Вода и многу други македонски забавни манифестации.
Меѓутоа, под плаштот дека генерираат приход за локалната економија, ги мотивираат локалните спонзори и приватниот сектор да вложуваат во јавни настани и дека градот се промовира како туристичка дестинација, ниту една општина не е транспарентна по однос на трошењата, посебно не во делот на посебните договори и хонорари на „главната ѕвезда“ на манифестацијата, која по непишано правило доаѓа од поранешните ЈУ републики.
Многу општини плаќаат преку различни шеми: директни договори, ангажмани преку агенции, „пакети“ (организатор/продуцент) или со поддршка од министерства/проекти — што ја отежнува транспарентноста.
Во повеќе општини се забележува дека финансиските извештаи не содржат детални податоци за хонорари, договори и трошоци, што ја отежнува јавната контрола, покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации објавен во декември 2024 година а кој се однесува на трошоците за забавни манифестации на општините.
Имено, истражувањето покажува дека општините различно ја спроведуваат набавката на овие услуги, но главно се наоѓаат начини да не се спроведат целосно Законот за јавни набавки и некоја од транспарентите постапки.
Набавките на т.н. посебни услуги, во кои спаѓаат ваквите манифестации, се исклучени од Законот за јавни набавки доколку нивната вредност е до 10.000 евра. Овде спаѓаат услугите за организирање културни настани, фестивали, забави, саеми и панаѓури. За нив единствено се објавува т.н. поедноставено известување за склучен договор.
Има општини коишто на ваков начин избираат само фирма којашто ќе ја спроведе манифестацијата или, пак, цела годишна програма во која што се опфатени неколку манифестации.
Потоа, и плаќањето оди целосно преку таа фирма, без да се знае колку поединечно чини некоја манифестација или поединечен изведувач.
Од 81 единица на локалната самоуправа, 50 општини имаат вакви трошоци, додека 29 одговорија дека немаат, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Воедно, не се знае ниту колкава е заработувачката од овие манифестации. На пример, општина Штип проценува дека за време на Пастрмалијадата градот го посетуваат над 50.000 луѓе, што создава промет од неколку стотици илјади евра во локалната економија, повеќе од самиот буџет на настанот.
Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, посочи дека „за организација на штипската Пастрмалијада годинава од општинскиот буџет издвоени се 5 милиони денари.
Од приватни донации и спонзорства собрани се дополнителни 9 милиони денари, но во општинската каса слеани се 12 милиони денари, а остатокот од 2 милиони приватен спонзор ги уплатил дирекно на сметка на изведувач.
„Сите средства се искористени за реализација на тридневната манифестација, а бенефитот е насочен кон локалната економија во делот на трговија и угостителски услуги и се калкулира дека вкупниот обрт на средства е повеќе од 1 милион евра“, изјави Јорданов.
Друга општина која издвојува сериозни средства за забавна манифестација е Велес која годинава ја отвори Питијадата со пита од 4 метри и 30 сантиметри.
Во дебата на кандидатите за градоначалник на Велес во емисијата „Топ Тема“ непосредно пред првиот круг на локалните избори, градоначалникот Марко Колев кој повторно ја доби довербата на граѓаните, рече дека како општина вложуваат големи финансиски средства за културата и имаат голем број на настани што се случуваат во текот на годината.
„Долги години сум вклучен во организација на Питијадата. Од кога јас сум градоначалник, во првите две години сите изведувачи беа наши македонски, вклучувајќи ја и групата Меморија. Во последните две години, од 15 изведувачи, само двајца се странски изведувачи. Лани беа двајца од Србија, оваа година ќе биде Северина и групата Бајага и инструктори. Гледаме и македонските естрадни уметници да бидат застапени, и во делот на народното и во делот на забавното и во делот на она што значи поп музика“, рече Колев.
Сепак, најголем број “увезени”пејачи имаше годинава Кавадарци. На Тиквешкиот гроздобер запејаа Марија Шерифовиќ, Наташа Беквалац, Џејла Рамовиќ, Тајзи, Раста, за што градоначалникот Митко Јачев доби критики од македонскиот фолк пејач Спасен Сиљановски нарекувајќи го Тиквешкиот грозобер роштиљада. Оправдувањето на Јанчев беше дека на овој начин ќе донесе публика во Кавадарци не само од Македонија туку и од соседството.
Вкупниот буџет за 2025 година за организирање на забавни, културни и музички манифестации изнесува 8 милиони денари каде се одржаа настани како Тиквешки Гроздобер, Св. Трифун и Културно лето. За настаните Св. Трифун и Културно лето се потрошени 800 илјади денари, додека за настанот Тиквешки Гроздобер се претпоставува дека се потрошени најголеми средства, иако од општина Кавадарци не ги открија.
„За овој настан не сме во можност да ви откриеме колкави средства се потрошени бидејќи финансовиот извештај за овој настан сè уште не е изгласан на Совет поради изборниот процес. Имаме посебен буџет за поддршка на локални уметници и млади таленти. Уметниците се поддржани преку програмата за невладин сектор, а младите таленти преку програмата на секторот за образование при општината“, велат од општина Кавадарци.
Занемарување на домашните уметници
Но, промовирањето на традиционалните вредности се коси со музиката која се слуша. Етномузикологот и професор на Музичката академија при УГД –Штип, Горанчо Ангелов, смета дека е апсолутно неприфатливо домашните изведувачи да се ставаат во втор план, особено во контекст на нивната девалоризација.
„Во секоја цивилизирана земја кога ќе отидете и ако ви понудат нивно вино, сирење или месо, ќе ви приуштат и дел од таа нивна нематеријална култура, дали песна, расказ или приказна, поврзана со тоа што тие го нудат. Во Македонија кога туристот ќе вкуси пастрмајлија, самун или пита, треба да конзумира и македонска музика, која потекнува од тоа поднебје, вокална и инструментална, која е тој карактеристичне звучен идиом на она што ќе вкуси. Од една страна упорно зборуваме за нашето, традиционалното, да се чува и негува, а од друга, постојано се форсира музички „зачин“ кој не кореспондира со нашата кујна и нашата традиција“, вели Ангелов.
Доколку сакаме младите генерации да бидат добро музички „потковани“ за богатата музичка традиција во Македонија, несомнено е потребно многу повеќе да им се нуди, да се слуша, зашто на тој начин ќе им се приближи и ќе почне да се негува, за да не отиде во заборав, додаде Ангелов.
Затоа и последните години имаме повеќе препеви на старите народни песни, кои будат силни емоции, без разлика дали се работи за епско или лирско творештво и преку кои се зајакнува врската со богатото музичко наследство.
„Ако еден македонски пејач не може да наполни стадион со 10.000 или 20.000 гледачи и слушатели, тогаш организаторите нека поканат 5 домашни изведувачи и на забавна и на народна музика, комплементарен настан, бидејќи во публиката секогаш има љубители на овие жанрови, а сите тие ќе чинат 80 % поевтино од странскиот изведувач“, истакнува Ангелов.
Се појавуваат и етички дилеми, дали јавните средства треба да се користат за високи хонорари на комерцијални пејачи, наместо за поддршка на локални културни работници и уметнички здруженија.
Овие критики отвараат поширока дебата за тоа како да се воспостави баланс помеѓу културната вредност и економската корист, односно помеѓу јавниот интерес и политичката самопромоција.
Политичка димензија и трошоци
Истражувањето на центарот за Граѓански комуникации покажа и дека во 2024-та година општините во Македонија за хонорари за странски пејачи вкупно потрошиле околу 1 милион евра. Најскапо платени биле хрватската пејачка Северина Вучковиќ, за која општина Крива Паланка лани потрошила 25.000 евра.
Исто колку и Штип за српскиот пејач Саша Ковачевиќ во 2023 година. Најмногу пари за оваа намена трошат општините Струмица и Кавадарци и Градот Скопје, кои во 2023-та година вкупно издвоиле 456.000 евра.
Домашните изведувачи недоволно ценети
Кога станува збор за домашните изведувачи, тие добиваат значително пониски хонорари отколку нивните колеги од другите држави од поранешната југословенска заедница. Најплатена домашна изведувачка годинава е Бојана Скендеровски, која од Општина Неготино, за учество на манифестацијата Неготинска вечер добила 13.008 евра и која патем се најде на листата на најскапо платени изведувачи со пари на граѓаните во 2024 година заклучно со месец октомври.
Втора на листата „најплатени домашни изведувачи“ во 2024 година е поп-ѕвездата Каролина Гочева која од Општина Крива Паланка за учество на манифестацијата Крива паланка – Град на културата добила 11.110 евра.
Трет на оваа листа е Кирил Џајковски кој од Општина Валандово добил 10.000 евра за учество на манифестацијата Ревијална вечер на Фолк-фест.
„Другите домашни изведувачи добиваат многу поскромни хонорари. Од податоците на општините коишто не кажуваат колку пари ги исплатиле поединечните настапувачи, туку само вкупната сума што ја исплатиле на фирмата организатор, произлегува дека најмногу пари добиле неколку домашни фирми. Прва лани е Иноватива груп, која за организација на четирите забавни манифестации во текот на годината, од Општина Кавадарци добила 202.098 евра. Втора е Спектаклум ДООЕЛ која за организација на забавни манифестации во две општини, Кисела Вода и Вевчани, лани добила 84.715 евра. Следна е Скендеровски продукција која за организација на 4 манифестации во Битола, Гевгелија, Крива Паланка и Свети Николе добила од соодветните општини вкупно 35.203 евра“, се наведува во истражувањето.
Заобиколување на Законот за јавни набавки
Иако во јавноста преовладува мислењето дека тоа се средства собрани преку донации, спонзорства и слични приходи, сепак во вкупната сума од 1 милион евра за 2024 –та година, не се калкулирани овие средства, туку се работи за пари од општинските каси или поточно од парите на граѓаните, покажа истражувањето на Центарот за граѓанска комуникација (ЦГК). Според претседателот Герман Филков, општините главно наоѓаат начини да не го спроведат целосно Законот за јавни набавки кога станува збор за овие трошоци за забавни манифестации.
„Тоа најчесто го прават преку т.н. набавки на посебни услуги, кои се исклучени од Законот за јавни набавки, доколку нивната вредност е до 10.000 евра. Овде спаѓаат услугите за организирање културни настани, фестивали, забави, саеми и панаѓури. За нив единствено се објавува т.н. поедноставено известување за склучен договор. Но, доколку вредноста на овие услуги е поголема од 10.000 евра, може да се примени постапка со преговарање без објавување оглас, да се објави оглас за јавна набавка или, пак, да се објави претходно информативно известување во кое ќе се наведе дека договорите ќе се доделуваат без натамошно објавување, но со покана за заинтересираните фирми да го изразат својот интерес.
Сепак, има општини коишто на ваков начин избираат само фирма којашто ќе ја спроведе манифестацијата или, пак, цела годишна програма во која што се опфатени неколку манифестации. Потоа, и плаќањето оди целосно преку таа фирма, без да се знае колку поединечно чини некоја манифестација или поединечен изведувач. Некои општини, пак, делегираат надлежност на фирми, најчесто маркетинг агенции, за организирање на ваквите настани. И во овие случаи не се обелоденуваат информации за поединечното чинење на секоја манифестација, ниту за исплатените суми на поединечните изведувачи“, истакна Филков.
Освен што странските изведувачи земаат многу повисоки хонорари во споредба со домашните, вторите се и многу помалку ангажирани.
„По објавувањето на истражувањето се појавија неколку индивидуални или групни реакции на домашни изведувачи кои побараа од општините да ги ангажираат нив, наместо странските пејачи, а исто така и да бидат повеќе, односно, посоодветно платени за нивниот ангажман. Сепак, од она што што може да се види од годинава, бидејќи бројките и состојбата се од претходните две години, се чини дека општините продолжија со оваа практика“, додаде Филков.
Домашната музика во сенка, време е за промени
Повеќе од една деценија, Петар Младеновски фронтмен и бас гитарис во бендот „Суперхикс“, ја отвора темата за третманот на домашните музичари во Македонија. Тој вели дека, проблемот одамна прераснал во аларм и дека општините мора да прекинат со лошите практики ако сакаме да го зачуваме македонското творештво. Младеновски истакнува дека со години предупредува за опасниот тренд на форсирање странски артисти на сметка на домашните.
„За овој проблем зборувам над 10 години. Веројатно многу „татковци“ на градовите, како и нивните локални самоуправи се имаат налутено за овој мој став, но јас не тврдам дека тие манифестации не треба да се одржуваат. Треба да ги има, да има култура. Но, она што се случува е алармантно, бидејќи најголемиот дел од општинските средства за забавните манифестации одат за артисти кои доаѓаат од соседството“, вели Младеновски.
Тој укажува дека зад огромните исплати за странски изведувачи можат да се кријат нерегуларности.
„Се трошат над 10–20 илјади евра, а во некои случаи и до 200 илјади. Не би ги обвинил сите општини, но имам теорија дека зад тие суми постојат нерегуларности каде одредени лица се збогатуваат преку ваквите ангажмани. Не ми е разбирливо кој од Македонија би имал поголем интерес од ангажирање странски артисти на сметка на домашните. Константно слушам коментари дека немало сцена, музика, продукција, спотови. Тоа е апсолутно неточно. Во македонската поп-рок сфера последните години излегуваат околу 50 албуми годишно. И токму тие артисти не се ангажирани, а ние зборуваме за заштита на културата и идентитетот“, дециден е тој.
Младеновски предупредува дека странските артисти овде настапуваат повеќе отколку дома, додека македонските се маргинализираат.
„Некои од тие артисти настапуваат повеќе во Македонија отколку во своите матични земји, на пример Србија. И тоа е веќе проблем на системско форсирање и преплатување. Општините мора веднаш да го сменат пристапот и да престанат со непродуктивните навики. Слушам најави дека работите би можеле да се корегираат, но во некои општини тоа ништо не се менува. Истите артисти постојано настапуваат. Постојано се оди на форсирање на овие артисти на сметка на домашните“, рече Младеновски.
Тој го споредува односот кон домашната музика во Македонија со оној во соседството.
„Во соседните земји тие си ги штитат и промовираат домашните артисти. Кај нас е спротивното. Треба повеќе да си го цениме она што го имаме дома. Она што ме радува е што повторно станува популарна македонската музика кај младите. Се надевам дека тие ќе го понесат тој ветар и дека општините ќе разберат дека час поскоро треба да ги поддржат домашните квалитетни артисти“, додаде тој.
Младеновски предупредува дека ако трендот продолжи, ќе ја изгубиме домашната сцена.
„Ако ова продолжи, ќе го изгубиме домашното творештво и ќе нема публика за домашните артисти. Потребно е во образованието да се вратат содржини кои посветуваат внимание на нашата култура, нашата музика, нашите артисти. Тоа порано го имаше, сега го нема. Имам пример каде професор им велел на учениците дека, Јелена Карлеуша имала добра музика. Тоа е недозволиво“.
Неговата порака е јасна: младите мора да ги запознаат македонските музички великани.
„Сметам дека мора задолжително да се запознаат со она што се великани на македонската музика. Тоа е културна основа без која нема иднина“, уверен е Младеновски.
На крајот, дилемата не е дали културните манифестации треба да постојат — туку како да се организираат така што навистина ќе ја одразат локалната култура и интересите на граѓаните. Транспарентноста, фер распределбата на средства и поддршката на домашните артисти не се само административни прашања, туку темели на културниот суверенитет.
Додека општините продолжуваат да инвестираат милиони во единечни настапи, сè погласни се повиците дека време е за поодговорен пристап кој ќе ја чува традицијата, ќе создава економска вредност и ќе обезбеди простор за раст на македонската уметност. Во спротивно, ризикуваме културните манифестации да станат празни сцени без автентичен глас.
Автори: Трајан Ристовски и Кристијан Трајчов
Оваа публикација е изработена во рамките на проектот „Заедници управувани од интегритет“ (IDC), поддржан од амбасадите на Шведска и Швајцарија во Северна Македонија и имплементиран од Националниот демократски институт (NDI). Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на проектот, донаторите или имплементаторот. Шведска и Швајцарија не мора нужно да ги делат ставовите изразени во овој материјал.





