Скршено срце за почит на жртвите во Кочани – Дино Мерлин ја донесе Македонија во Штип

Со плачниот пискот на кларинетот во тажната балада „Да је туга снијег“ и со „Кочани со скршено срце“, кое беше испишано на екраните балканската ѕвезда Дино Мерлин вчера на концертот во Штип им оддаде почит на загинатите во тргедијата диско шталата.

Со ова уште еднаш ја докажа својата големина и како човек и како пејач, и без збор ги демантираше ограничените умови дека „барал крстот да не свети“ и дека тој е далеку повеќе и каде каде поголем од една обична малодушна пропаганда. Тој прв пат гостуваше во Штип, а Штип прв пат виде толку многу народ.

„Добредојдовте драги гости“ на македонски јазик, така ја поздрави Дино публиката на преполниот стадион, кој не можеше да ги собере сите обожаватели на неговата музика, а публиката му возврати со хорско пеење на неговите песни, со аплауз и емоција од почеток до крај на концертот.

А како што се виде Штип беше премал за да прими толку многу луѓе кои дојдоа од цела Македонија.

Да, што би рекле политичарите, на Штип му се случи народ ама за забава и за пастмајлија. Никој никого не тераше со сила во автобус, луѓето сами од цела Македонија посакаа да дојдат да уживаат во градот под Исарот, да се забавуваат и да пробаат од најпознатата штипска пастрмајлија.

Ама ако се исклучи музичкиот дел, настапот на Дино и пред него на Владо Јаневски и Елена Ристеска, кога сме веќе кај забавата и пастрмајлиите, нели настанот беше „Пастрмајлијада“, многу од посеителите останаа разочарани.

Прво за да се влезе, а подоцна и да се излезе од Штип се чекаше во колона и по неколку часа. Автомобилите се паркираа кој каде ќе најде место, па дури и на тревникот меѓу двата коловози и на тревниците на кружните текови.

А пастрмајлија?

Не само што беше далеку од стадионот, на едносмерната, што би рекле штипјани, туку уште пред завршување на концертот ја немаше, а рестораните, бидејќи веќе се потрошиле, затвораа уште пред полноќ.

„Пиво колку сакаш, пастрмајлија ни за лек“, беше коментарот на сите кои ги „напаѓаа“ угостителските објекти. Кога ги совлада гладот луѓето заборавија на убавата организација на стадионот, на редот и покрај толку голем број луѓе.

„Еваа, шо народ пројде, се е потрошено“, беше одговорот на келнерите на прашањето зошто нема веќе пастрмјлија.

По секоја манифестација секогаш има и добри и лоши коментари. Кому како му се посреќило. Се разбир дека ќе бидат незадоволни оние кои со редовните автобуски линии беа оставени надвор од Штип, бидејќи беше невозможно автобусите да стасаат до автобуската станица.

Се разбира дека ќе бидат незадоволни оние кои во колона поминуваа по неколку часа и не успејаа да влезат во градот па се вратија дома, се разбира дека ќе бидат незадоволни оние кои чесно си чекаа ред во колоните, додека гледаа како од страна се пикаат автомобили и создаваат неред, а полицијата на влез ја немаше да направи ред, се разбира дека ќе негодуваат оние кои останаа гладни, се разбира дека ќе негодуваат дежурните „мрчатори’..

Ама не треба да се зборави и фактот дека вчера Штип беше центар на убава емоција, позитивна енергија, на насмеани и распеани лица, нешто што се повеќе и повеќе ни го снемува. И покрај се, не треба да се заборави и во глобала добрата организација, на толку многу луѓе се да помине во ред.

А за парите што се потрошиле, за приоритетите каде треба да се насочат, за тоа кој најмногу спечалил од целата манифестација, ако се работи за граѓански пари, сепак, треба да се даде отчет. Дино е скапа звезда. Можеби и најскапата на балканот.

Да се воздржиме од негатива за неколку дена. Почнува кампањата каде ќе се исфрлат сите отрови.

Да го видиме убавото во целата манифестација и желбата на организаторот да уживаме, барем една вечер да пееме, да играми и да заборавиме на проблемите,кои и така доволно ги имаме…

Штип е отворен град, кој не пробал вчера пастрмајлија, ќе проба кога сака… Убаво е што овој настан ја собра речиси цела Македонија на едно место.. Убаво е што Штип живееше во ритмот на музиката… Иако, пред се, ова е гастрономска манифестација… Но, факт е дека само заради познатата пастрмајлија Штип нема да собере над 100.000 луѓе, како што се калкулира со бројката.

А за вкусовите не се расправа…

Весна Миленковска

Фото: Вангел Тануровски

©Kanal77.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање

Сподели:

Facebook
Twitter
LinkedIn
Email

НАЈЧИТАНИ ВЕСТИ