Марија Атанасова од Штип минатата година остави голем впечаток на Фестивалот на музика „Макфест“, не само по песната туку и по стајлингот и хуманоста, која ја одвои од сите. Таа носеше необичен фустан, целиот исцртан со срциња, а токму со тој фустан им помогна на дечињата со посебни потреби.
-Фустанот го изработи Модно студио „Бела“ од Штип, а во подготовката учествуваа дечињата од градинката „Астибо“ и дечињата од дневните центри за деца со попреченост од Штип. Објавив наддавање за фустанот, а парите ќе се донираат на дечињата со попреченост во Штип, ни рече тогаш Марија.

Помина една година, а Марија повторно настапи на „Макфест“ и за Канал77 ја раскажа приказната за фустанот, како им помогнал да дечињата со посебни потреби, но и дека тој фустан ќе ја краси градинката „Астибо“.
-Фустанот се продаде, го купија од фирмата „Аџико“ и долго време стоеше во салон кај нив. Од тие пари купивме клима на децата од дневниот центар. Климата веќе е монтирана. Имав братучед кој беше дете со посебни потреби, а мојата тетка, негова мајка, работи во дневниот центар и ми кажа дека климата е веќе монтирана. Бидејќи на хуманите луѓе, кои го купија фустанот, не им беше потребен, јас го земав и сега ќе го подарам на детската градинка „Астибо“. Па фустанот го цртаа дечињата од градинката и од дневниот центар. Фустанот е голем и реално во дневните цетри нема место каде да стои, затоа сега веќе е договорено да се однесе во градинката. A децата што го цртаа се се уште таму и за нив ова е доживување. Фустанот ќе стoи на кукла за спомен. Требаше да го однесам многу порано, но се случи катастрофата во Кочани, ми починаа многу блиски, па се застана. Ми требаше време да се соземам малку, вели Марија.

Марија правеше хуманитрен концерт, на кој учествуваа и други пејачи, а средствата беа наменети за повредените од Кочани. Но, за жал, како што вели таа немало многу посетеност.
-Концертот немаше многу посетеност иако кафулињата беа полни. Не знам зошто така. Концертот беше во Домот на културата, имаше доста квалитетни пејачи, но кога излегов на сцена видов дека салата беше полупразна. Сето ова не го правам за моја лична корист. Но, ми е жал што не успеавме да собереме повеќе пари. Парите од концертот ги уплативме на Црвен крст со назнака да се дадат на повредените деца. Во несреќата ми загинаа другари, професорот Филип, а се дружев и со другите од бендот. Таа вечер и јас тргнав за Кочани, сакав изненадување да им направам, но не знам како завршив во Свети Николе. Утре дента кога станав ја добив најтажната вест во мојот живот. Затоа мојот настап на годинашниот „Макфест“, каде настапив со „Вљубена во лага“, го посветив на нив, вели низ солзи Марија и додаде:

-Одсекогаш сум сакала да помагам на најранливите категории и да се дружам со дечињата. Атмосферата додека се работеше фустанот ќе ми остане во спомен засекогаш, како една убава дружба со дечињата, кои ќе му се радуваат на фустанот,нивно дело е, рече таа.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски/ приватна архива




